2win800x200

Со ваков план не можеме да излеземе 'победници' во борбата против аерозагадувањето (пишува м-р Мите Ристов)

Септември 15, 2022

ЗАБЕЛЕШКИ ПО ПЛАНОТ ЗА КВАЛИТЕТОТ НА ВОЗДУХОТ ВО ГРАД БИТОЛА

Планот за квалитетот на воздух за Битола е од исклучително значење во борбата против аерозагадувањето во градот. Тој е основа за започнување на таа борба, поради што мора да биде квалитетно изработен и да ги посочи вистинските причинители на аерозагадувањето.

За жал, предлог планот, во формата во кој ни е даден на разгледување, не ги посочува вистинските загадувачи на воздухот и не изнесува целосни предлог мерки, со кои, во блиска иднина ќе можеме да излеземе како победници во борбата против аерозагадувањето.

Моето мислење за овој план го темелам врз основа на следниве аргументи:

Изработувачот на планот за квалитетот на воздухот за Битола, во изработката користел исклучиво статистички податоци од ДЗС и МЖСПП, без теренска работа и мерење на карактеристични супстанци од емисиите од градот, а не бил запознат и со микроклимата на градот Битола и нејзиното влијание врз аерозагадувањето. Тоа се гледа од нивното толкување за причините за аерозагадувањето во градот во утринските и вечерните часови (стр.40 во планот), според кои, загадувањето можеби потекнува од зголемениот сообраќај (без цврсти докази за изнесеното),  а ја занемаруваат улогата на дневното и ноќното струење на воздухот, односно Пелистерецот, врз чистењето на воздухот во одделни делови од градот, но и акумулирање на аерозагадувањето во други делови. (Истражување на Геосфера-Битола).

Друга забелешка е несовпаѓањето на податоците за учеството на аерозагадувањето од ПМ честички по сектори (стр. 89 и 90 од планот), врз основа на кој се посочени главните аерозагадувачи во градот и се предложени самите мерки во борбата против аерозагадувањето. Според планот, учеството во емисиите од домаќинствата со ПМ 10 честички изнесува само 9%, а за ПМ 2,5 само 20%, а енергетскиот сектор учествува со високи 80%. Енергетскит сектор е навистина најголем загадувач на годишно ниво, но прашањето е колку од тоа загадување доаѓа во градот, особено за време на зимските месеци. Наведените бројки не се во согласност со Студијата за пропорционирање на изворите на аерозагадувањето во град Битола, изработена од Проф. д-р Дејан Мираковски, Лабораторија Амбикон при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде податоците се дијаметрално спротивни со оние од планот. И покрај тоа што за прв пат е изработена ваква студија и прецизно се утврдени изворите на аерозагадување, податоците од неа воопшто не се вклучени во предложениот план. Студијата е изработена во рамките на проектот „Развивање и имплементација на здравствен индекс во прекуграничниот регион“ (TRAP), а од македонска страна го спроведуваа Центарот за климатски промени – Гевгелија и Министерството за животна средина и просторно планирање. За спроведување на студијата биле земени 120 примероци од акумулираната прашина во филтрите на мерната станица Битола 1 (која се наоѓа во индустрискиот дел на Битола) во текот на 2021 год., и се испратени на анализа во акредитирана лабораторија во Чешката Република. Покрај информациите за енормното загадување на воздухот во зимските месеци, кои сите граѓани на Битола ги знаат и ги чуствуваат, се презентирани податоци со кои до сега не сме располагале, како: концентрации на тешки метали, канцерогени состојки и она што е најзначајно и го чекавме со години, од каде ни доаѓа загадувањето во текот на зимските месеци. Врз основа на резултатите од студијата, најголемо загадување со ПМ 2,5 честички во текот на зимските месеци, од декември до февруари, отпаѓа на согорувањето на дрвата во домаќинствата со дури 51%, потоа 24% отпаѓа на согорувањето на нафта и мазут во институциите и индустријата, 14,5% на сообраќајот, а само 7,5% на енергетскиот сектор. Односно согорувањето на огревното дрво и мазутот вкупно учествува со високи 75% од загадувањето со ПМ 2,5 честички. Доколку мерењата биле направени на мерната станица Битола 2, која се наоѓа во централното градско подрачје, бројките ќе биле уште повисоки од презентираните.

 Нема достапен опис

Како придобивка од студијата е и првото сеопфатно мерење на високо канцерогената супстанца Бензо(а)пирен, при што е утврдено дека неговото присуство во воздухот во Битола е над максимално дозволените концентрации четири месеци во годината, од декември до март, а во месец февруари 2021 год. бил 6 пати над дозволеното. Според достапните податоци дури 90% од оваа канцерогена состојка потекнува од согорувањето на дрвото како енергенс.

Нема достапен опис

На овие состојби укажуваше и Геосфера во зимската сезона 2017/2018 год. кога се спроведе мобилно мерење на квалитетот на воздухот на повеќе локации ширум градот и на релација Битола – Новаци. Беше утврдено дека загадувањето на воздухот во Битола потекнува од самиот град и најголем удел во тоа загадување имаше согорувањето на влажно огревно дрво, кое емитува неколку пати повеќе честички во воздухот од сувото огревно дрво. (Истражување на Геосфера-Битола).

Во однос на предложените мерки во борбата против аерозагадувањето, дадени се мерки, кои или воопшто или незначително ќе го намалат загадувањето на воздухот (пред сè мерки поврзани со подигање на јавната свест на населението, кое и те како е добро запознато и точно знае што треба, а што не треба да прави), а се изоставени конкретни мерки кои значително ќе го намалат аерозагадувањето.

Со оглед на енергетската криза во државата и се поголемиот број на домаќинства кои се враќаат кон огревното дрво како енергенс, уште од 2018 год. предлагаме мерки за дистрибуција на суво огревно дрво до домаќинствата. Односно, законско регулирање на дистрибуцијата на суво огревно дрво, со влажност под 20%, од страна на шумските претпријатија, со што, според нашите калкулации загадувањето на воздухот со ПМ честички ќе се намали за најмалку 30% до 40%. Ова го тврдиме врз основа на извршените експерименти од страна на научници низ светот, според кои, влажното дрво емитува 3-4 пати поголеми концентрации на ПМ честички од сувото дрво. (Линк до научниот труд)

Предлагаме мерката М22 од планот да биде отстранета, бидејќи е беспредметна и не е во надлежност на општината, а да се додаде нова мерка, во која ќе се презеде и финансира постоечката мрежа од 10 мерни станици за следење на квалитетот на воздухот во Битола, од страна на Здружението „Земи Здив“. Со тоа, општината нема да дозволи овие мерни станици да згаснат и да престанат да ги информираат граѓаните за степенот на аерозагадување во реално време. Исто така, општината ќе може да го дополнува мерењето на двете официјални станици од МЖСПП, особено поради тоа што овие станици постојано работат со прекини, некогаш и со само 30 до 40% покриеност во текот на годината. Имплементацијата на оваа мерка општината ќе ја чини околу 700.000 денари годишно, а за возврат ќе добие целосни информации околу изворите на аерозагадување во градот.

Предлагаме и мерка за јакнење на пешачката и велосипедска инфраструктура во градот со конкретни рокови. Потребни се храбри одлуки на носителите на функциите во градот и во краток рок да се зголеми бројот на пешачки зони во градот, во централното градско подрачје да се пренасочи и отежни автомобилскиот сообраќај и најпосле после деценија убедување да се изгради велосипедската инфраструктура, која во моментот е со должина од 0 км. 

м-р Мите Ристов

Претседател на Геосфера-Битола

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани