2win800x200

ДОБАР НАСТАВНИК – СОЛИДЕН УЧЕНИК-(пишува Александар Адамовски)

Август 21, 2023

Пред почетокот сме, на новата учебна: 2023/2024 година. Нецели две недели до септемврискиот почеток, кога учениците и наставниците со нови сили, знаења, умеења и предизвици, ќе започнат уште една школска година. Враќањето во училиштните клупи треба да се доживува со радост. Во овој текст, ќе пишувам за добриот наставник и неговото квалитетно и солидно создадено дело – неговиот ученик.

Добриот наставник и неговото квалитетно и солидно создадено дело – неговиот ученик

Секој наставник, може да биде добар и успешен. Треба, само да умее!

Многупати учениците имаат еден израз кој го повторуваат: „Тој/таа е најдобар/најдобра, наставник/наставничка, или само користат: најдобар е/најдобра е. Јас верувам во искреноста на учениците, бидејќи доволно се паметни и интелигентни за да можат да мислат и да проценат нешто или некого. Но, прашањето кое се поставува е: во што е најдобар наставникот, или во што е најдобра наставничката? Убава тема, што би можела да се искористи како училиштна дебата. Нормално, таа пофалба му значи на секој просветен работник, кога реално и искрено е кажана. Би кажал: најдобар наставник, не е оној кој само карактерно е добар, услужлив и излегува во пресрет на своите ученици, на колективот, на останати познаници, туку, таа особина треба да се темели на едно златно правило: добар, или најдобар наставник е оној, кој од ученичето, ќе направи прав ученик! Додека се постигне тој процес, потребно е време и најважно – љубов и трпение. Како тоа започнува и се постигнува? Тоа започнува уште од одделенска настава, кога детето е празна и чиста (зелена) табла, на која секојдневно треба да се испишува по нешто. Она што е корен, што треба најпрво да биде испишано е секако: Азбука и Броеви. Се започнува со описменување, па потоа учење и доживување на останатиот свет... Тоа учениче расте, се развива, се социјализира во училиштната средина и треба да биде пример секаде и со секого. Наставникот и професорот во предметна настава, надградува чекор по чекор, за да стигне до посакуван и успешен резултат – солидно и квалитетно изграден ученик кој понатаму ќе оформува професионална ориентација. Значи, добар просветен работник, е оној што има обврска и цел, на денешните и на сите наставни часови, да вгради знаења и поттик за самостојно мислење со своја глава, кај своите ученици. Или попрецизно кажано, добар наставник е секој кој работи, кој чесно и одговорно си ја заработува платата, кој не се штеди, а го дава најдоброто од себе, да пренесе нешто во училницата, а не, да забушава, да се матка на некој начин (да дреми со мобилен на час и сл.), или да се корзира во училиштната средина и на самиот наставен час. Таа е разликата помеѓу квалитетен (добар) и неквалитетен (недобар) наставник. За жал, денес нема што нема влезено во образование, без никаков критериум за психолошко-педагошка проценка и подготовка за започнување на наставен процес, итн. Но тоа е веќе друга тема за дискусија. Добриот наставник, како што имам пишувано и претходно, е цутот во образованието. Неговиот сладок плод, се учениците. Секогаш постои начин да се работи и соработува, како на часови, така и пошироко. И не треба, постојано да се наоѓаат изговори, за тоа што не чини. Ајде, секој нека тргне од себе и нека ги поправа работите (иако знаеме дека тоа, така не функционира). Најлесно е, да се префрла вина во друг, а не, да се тргне од себе. Добриот наставник, сам си создава волја за работа и не треба од никого да очекува да го мотивира. Таа е тактика, која со годините се стекнува и менува. Искуството, во денешни услови на живеење и работење, многу не се цени, но, ако сакаме како просветни работници, да си направеме да ни биде подобро, треба максимално да ја користеме сопствената креативност. Оти, сепак кажуваме: некој умее да цени, не е сѐ, до толку мрачно. Ете така, бидува добар наставник, за кого има што да се каже и зборува, а не само карактерно дали бил/а добар/добра. До душа имаме ситуации, наставник кој ништо не работи, и тој да спаѓа во категоријата на добар, но прашајте ги учениците, што учат и што научиле по тој предмет... одговорот ќе ве изненади. Така, не! Тој впечаток не е добар, напротив тој/таа, ако може да се каже „просветар“, оштетува многу генерации на ученици. И тој е најгорливиот проблем на денешното образование. Подруго е, кога ќе постојат казни и санкции. За да се биде добар, односно најдобар во образование, потребно е најпрвин, да си квалитетно и успешно факултетски образован/а, со студирање од книги, а не, од скрипти. Понатаму, јасно е, каде води креирањето на таков образовен профил. Многумина, знаат што значи тоа. Затоа, ученици, запомнете: добар наставник, е оној што сака да ве научи и да ви покаже прав пат (тоа многу добро го знаете). Карактерната добрина, е особина што не се учи, туку се носи во текот на целиот живот. Точно е, дека добар просветар, добро и правилно гради воспитно-образовни компоненти, од кои може да се има корист. Но, денес, реткост се таквите наставници. Никогаш да не цените само по карактерни особини, туку по способностите... Тие се чекор, што води напред! Има една убава изрека: само посветената работа, дава солиден резултат. Да, мислам токму на делото што ќе го создаде и остави квалитетниот наставник, а тоа е неговиот успешен и солиден ученик. Нека има што повеќе „вредно потковани“ наставници, оти со нив воспитно-образовниот процес и општеството добива смисла и напредува, а не, назадува. Тие треба да бидат пример за учениците! Родители: почесто прашувајте ги учениците што работат на часовите, проверувајте им тетратки што запишуваат, односно, што научиле, затоа што вашите деца се вредност, што треба еден ден, да излезе на прав, описменет пат и да чекори кон иднината!

Ќе завршам: за работникот во образование, работата не е нималку лесна, но обврската и целта што ја има зацртано и пред која стои, гледа до крај да ја заврши и постигне. И не му требаат пофалби и тапкање по рамо (тоа е веќе доживеано и видено), туку доволно е, што таквиот наставник има одговорност и чест, да учи и да научи многу ученици кои искрено црпат знаења и вештини од него (беспоштедно, среќно, задоволно). Таквиот наставник, стои простум исправен пред секој образовен предизвик. Рековме, резултатот од неговиот вложен труд, е неговиот ученик, кој успешно напредува, не само во образование и на студии, туку воопшто во животот. Тоа го потврдува, добриот глас, кој нели, надалеку се слуша!

Среќен почеток, драги ученици и колеги - просветари!

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани