2win800x200

Кога те градеа 
во темелите 
ти фрлија семе 
од најубавите битолски 
ѓул трендафили,
семе 
берено по дворовите 
на куќите 
од центарот на Битола 
и битолските маала: 
од Чифтефурни, 
Влашко маало 
до Ѓенимаале
и Еврејската маала,
од Дрвен пазар 
до Ат пазар... 
И сите убавини 
ги собирале мајсторите,
сите мириси на парфеми
од битолските дами 
и еснаф фудулите 
од битолската чаршија,
во темелите 
да ги вградат
како столбови 
за идното време.
Не старееш, знам,
зошто, секогаш,
со млади си 
во твоите клупи,
Гимназијо Горна,
и мирисаш на младост, 
мирисаш
на љубов, 
на ѓул трендафил 
мирисаш 
и спомени
од твоите клупи!

19.2.19. Панде Манојлов

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани