2win800x200

Битолцизми III-Кај Фики на тераса

Декември 23, 2018
Продолжваме да клаваме битолцизми шо ги кажва Кекело на радио. Се друго си пиши подолу.
 
 
Пишувам јас, Златко Самарџиев, викан Кекел, ама ако ме викаат од подалеку, тогаш викаат КЕКЕЕЕЕЛЛЛ!
 
 
Добро утро добар ден, како кој кога станал денеска. Ногу важно е да си станал, оти ако не си станал – поарно не станвај. Вака некако звучи „Чамче муабет“ во Битола. 
 
Во Битола користиме една изрека „Кај Фики на тараса“. Оваа тераса е попозната од она терасата на расата. 
 

Прв дел: Матеа Зволу од тогашен Битољ на почетокот од минатиот век заминал на работа во Александрија, Египет, на Суецкиот канал. После некоја година заштедата ја вложува во купување памук и започнува трговија до Солун. Околу 1925 г се вратил во Битола и се носел со фес и со мантија, како тогашните богаташи. Бил вториот во Битола што со воз донел пајтон од Грац, Австрија и голем дрвен сандак во кој бил клавир марка Дорнер од Штутгард, Германија за неговата ќерка миленичка Афродити. Клавирот постои во Битола и можи да се свири на него.

Втор дел, заплето:Во тоа време, во предвоена Македонија, во Пореската управа во Битола, од Црна Гора е испратен да работи Станко Димич. Ќерката на Матеа Зволу – Афродити се заљубува и, не баш по воља и желба на Матеа, се венчава со Станко Димич. Зетот Станко и дедото Матеа почнале да купуваат земјиште, имот, куќи, итн од луѓето што се отселувале од градот. Во тој имот од околу пола милион М2 бил имотот на фам. Фикич, од Краљево. Цирка 50.000 М2 во кој имало штала во која бил коњот за пајтонот, бел како снег, со име ЗЕЛЕНКО и куќа со кафеана и со убава тераса. Е Каде? Кај Фики на тераса.

 Крајот на прикаскава: Изреката Кај Фики на тераса се користи кога за нешто не се верува дека е така, дека е измислено, а тоа навистина се случило.

На пример имало некој лаком, ама мнооогу скржав Евреин Мошин, кој, така се зборува, изел една кофа попара од леб и млеко. И ако некој не верува и праша Екако не? А каде изел? Одговорот е Кај Фики на тераса, таму.

После војната 1947 имотот бил конфискуван и национализиран, според тогашното уредување. Благодарение на Законот за денационализација, имотот полека се враќа кај наследниците, вклучително и куќата на Фикич со терасата. Се гледа од железничка станица надолу ако се погледни. Во неа има бидено и Раде Шербеџија. Каде? Кај Фики на тераса

 (автор е  Златко Самарџиев-Кекел, битолчанец кој забележува и објавува битолцизми)

Сподели

Поврзани вести

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани