Свечен настан „Меѓународното космичко право на македонски јазик: Од превод до дисеминација“

Меѓународното КОСМИЧКО ДВИЖЕЊЕ (МКД) – Битола и Националната установа – Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола го организираа свечениот настан „Меѓународното космичко право на македонски јазик: Од превод до дисеминација“, посветен на достапноста, развојот и ширењето на знаењето за меѓународното космичко право на македонски јазик, како и неговото приближување до академската, правната, образовната и пошироката јавност.
На свеченоста беше одбележано и успешното завршување на преведувањето и објавувањето на ИНСТРУМЕНТИ НА МЕЃУНАРОДНОТО КОСМИЧКО ПРАВО, македонската едиција на изворното дело „International Space Law: United Nations Instruments“, издадено од Обединетите нации, како значаен придонес кон достапноста на меѓународното космичко право на македонски јазик и неговата понатамошна дисеминација во Македонија. Преводот претставува дел од пошироките повеќегодишни активности за развој и ширење на знаењето за меѓународното космичко право на македонски јазик, кои ги спроведува МКД–Битола во соработка со домашни и меѓународни партнери.
Настанот обедини библиотекари, правници, професори, ученици, студенти, претставници од локалната самоуправа, државните органи, и граѓанските организации, кои заеднички го одбележаа значајниот придонес во развојот на меѓународното космичко право во Македонија и разменија мислења за идните можности за негово понатамошно афирмирање, изучување и институционален развој.
Свеченоста ја отвори м-р Емилија Стефановска–Давкова, директор на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола. Таа, во своето поздравно обраќање напомена дека како институции од јавен интерес, библиотеките имаат непроценлива вредност во зачувувањето на националниот идентитет, јазикот и традицијата. А, кога се зборува за зачувување и промоција на јазикот, како едно од најважните обележја на еден народ, доаѓаме до потребата за негова презентација преку книгата, за што тука е многу важен процесот на преведување. Преведувањето на делата на мајчин јазик има суштинско значење за полесно разбирање, прифаќање и вреднување на нивната содржина. Кога научните, книжевните и културните достигнувања се достапни на јазикот што читателот најдобро го познава, тие стануваат поблиски, поразбирливи и полесно применливи. Од научен аспект, изданието создава можност за продлабочување на истражувањата и развој на научната мисла во една современа и брзорастечка правна област. Од образовен аспект, претставува значаен извор за студентите, истражувачите, правниците и сите заинтеиресирани за изучување на правните аспекти поврзани со истражувањето и мирољубивото користење на вселената. Од правен аспект, преводот овозможува приближување на меѓународните космички правни принципи и стандарди до македонската стручна јавност, придонесувајќи кон развој на национланата правна терминологија во оваа област. Од културен аспект, македонската едиција претставува чин на јазична афирмација, научна отвореност и активно учество на македонскиот јазик во глобалниот научен и правен дијалог.
Во рамките на завршната церемонија по повод успешното преведување и објавување на македонската едиција ИНСТРУМЕНТИ НА МЕЃУНАРОДНОТО КОСМИЧКО ПРАВО, свечен осврт даде главниот промотор на публикацијата, проф. д-р Каролина Ристова–Астеруд, редовна професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и почесна визитинг научничка на Правниот факултет на Универзитетот во Абердин, Шкотска (Обединето Кралство).
Во своето обраќање професорката, Ристова–Астеруд го оцени излегувањето на македонската едиција како значаен и пионерски придонес за развојот на меѓународното космичко право во Македонија, упатувајќи признание до преведувачкиот тим за успешно реализираниот потфат. Воедно, таа оддржа предавање на тема „Космичкото право меѓу меѓународното право и домашното право на државите“, во кое направи осврт врз оваа пионерска област од правото низ призмата на нејзиното сѐ поголемо влијание врз територијата, населението и власта како белези на државата, како и врз националните правни поредоци. Професорката посочи дека, покрај државите, современите вселенски активности сѐ повеќе вклучуваат компании и други приватни субјекти, што, пак, наметнува потреба од натамошен развој на правната рамка на комерцијалните и другите човечки активности во вселената. Примената на космичкото право врз индивидуални субјекти, како и врз секојдневниот живот на луѓето, беа илустрирани преку неколку судски и други случаи од споредбената правна пракса, во рамки на што беше објаснета и релевантноста и помошната улога на меѓународното право на морето и Договорот за Антартикот. Осврнувајќи се на развојот на националните законодавства, професорката посочи дека е растечки бројот на државите кои донесуваат посебни домашни закони за вселенските активности, нагласувајќи дека, со забрзаниот развој на вселенските технологии, космичкото право станува сѐ порелевантно и за државите кои немаат сопствени вселенски програми. Во таа насока, таа ја нагласи потребата и Македонија навремено да ги развива своите правни и институционални капацитети во оваа област.
По повод завршната церемонија, преку институционална видео-порака се обрати и Канцеларијата на Обединетите нации за космички работи (анг. UNOOSA), претставена од м-р Розана Деим–Хофман (Rosanna Deim-Hoffmann).
Во своето обраќање таа ја поздрави иницијативата за преводот на македонски јазик, истакнувајќи дека достапноста на меѓународното космичко право на националните јазици е поврзана со пошироките напори на Канцеларијата за поддршка на државите во развојот на нивните национални правни и институционални капацитети во областа на вселенските активности. Во тој контекст, беше упатено охрабрување Македонија да ги разгледа следните чекори за своето вклучување во меѓународната правна рамка што го уредува мирољубивото истражување на космосот, вклучително и можноста за членство во Комитетот на Обединетите нации за мирољубива употреба на космосот (анг. COPUOS), како и пристапување кон основните договори на Обединетите нации за космосот.
Генералниот секретар на Меѓународното КОСМИЧКО ДВИЖЕЊЕ (МКД) – Битола, м-р Александар Ташковски, најнапред ја пренесе поздравната порака од академик Катица Ќулавкова, која ја истакна целосната поддршка на проектот со надеж дека ќе следат позитивни рефлексии врз македонскиот образовен, институционален и општествен систем, и порача „дека на вселената треба да ѝ се пристапи внимателно и со љубов, дека вселената не е ничија приватна сопственост и дека – колку што е вселената безгранична сама по себе, толку современиот свет треба да ги ограничи своите амбиции со закон и со меѓународни конвенции“.
Во продолжение, м-р Ташковски направи историски осврт на развојот на меѓународното космичко право во Македонија, прикажувајќи ја еволуцијата на академската мисла, законодавството и институционалниот развој во оваа област. Тој потсети дека, иако постои ограничена академска литература за космичкото право, сепак нејзиното постоење може да се следи од 1975 год. и повика – Македонија да создаде образовни и научни институционални капацитети за изучување на меѓународното космичко право.
Тој ја истакна меѓународно-правната положба на Македонија во однос на основните договори и конвенции на Обединетите нации за космосот. Беше истакнато дека, иако поранешна Југославија активно учествувала во создавањето на современето меѓународно космичко право и била меѓу првите држави потписнички на основните инструменти, Македонија по независноста го нема продолжено ова институционално наследство преку сукцесија или пристапување кон нив. Поради тоа, постои потреба од понатамошно институционално вклучување на државата во меѓународниот правен режим за космосот.
М-р Ташковски ги претстави и активностите што МКД–Битола и Граѓанско-научната космичка агенција (ГНКА) ги реализираат во насока на ширење на знаењето за меѓународното космичко право, со посебен акцент на пионерските образовни активности реализирани во средните училишта во Битола и фокус на СОУ Гимназија „Јосип Броз – Тито“.
На крајот од своето обраќање, м-р Ташковски се осврна на вселенската иницијатива до државниот врв од јули 2025 година, истакнувајќи дека ширењето на знаењето за меѓународното космичко право претставува неопходен предуслов за идниот развој на националните капацитети во оваа област.
Во рамки на програмата, вчера беше свечено отворена и изложба посветена на преводот и ширењето на знаењето за меѓународното космичко право на македонски јазик, која преку промотивни материјали, документи и фотографии ги претставува активностите за ширење на знаењето за меѓународното космичко право, негова популаризација и доближување до македонската академска, образовна и поширока јавност. Изложбата ќе биде отворена за посетители до 1 август 2026, во просториите на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола.
Организаторите на свечениот настан, модериран од библиотекарот м-р Гордана Ѓеоргиевска–Неделковски, искажаа благодарност до Канцеларијата на Обединетите нации за космички работи за институционалното учество во завршната церемонија, изразените честитки за македонскиот превод и охрабрувањето за понатамошен развој на националните капацитети во оваа област.
Активностите реализирани во тек на изминатите години, заедно со иницијативите кои произлегуваат од граѓанскиот сектор, академската и стручната јавност, како и овој свечен настан, претставуваат значаен придонес кон понатамошното институционално вклучување на Македонија во правниот режим за космосот, вклучително и преку разгледување на можностите за пристапување кон основните договори на Обединетите нации за космосот, членство во Комитетот на Обединетите нации за мирољубива употреба на космосот, продлабочување на соработката со Европската космичка агенција (анг. ESA) и натамошен развој на националните институционални капацитети во оваа област.

НАЈНОВО

НОВОСТИ
ПОВРЗАНИ