МВР воведува брзи тестови за дрога, кои веќе се нарачани и се прилично евтин начин преку кој ќе се врши скрининг на возачите што им се сомнителни на полицајците и управуваат возила под дејство на наркотици. Еден тест чини само 218 денари, а нарачани се 10 илјади парчиња што ќе пристигнат во првата половина на август.
Овие кинески тестови имаат точност од 99 проценти и покажуваат резултати брзо, во времетраење од три до 10 минути. Видеоматеријалот во кој се демонстрираат перформансите на тестот откриваат дека за овие тестови не се потребни медицински предзнаења и дека македонската полиција им се приклучува на бројни агенции за спроведување на законот ширум светот, кои со ваков брз евтин скрининг детектираат интоксицирани луѓе зад воланот.
Јавната набавка на тестовите за откривање дрога е спроведена така што е склучена рамковна спогодба во времетраење од две години. Тоа значи дека МВР во текот на тие две години ќе може да прави нарачки на тестовите, а парите што ќе се потрошат од буџетот за оваа намена не смее да надминат 80 илјади евра. Ова не значи дека ќе се потрошат сите 80 илјади евра за две години, туку дека тоа е поставениот горен лимит што не смее да се надмине. Фирмата што го доби тендерот за тестови за дрога е „Друштво за трговија и услуги Визиомед ГБГ ДООЕЛ Скопје“, која постои од 2009 година.
„Согласно доставено барање од Одделот за униформирана полиција, склучен е договор нарачка за набавка на 10.000 парчиња (тестови за дрога). Во врска со прашањето дали овие тестови се тие што лани летото беше најавено од МВР дека ќе бидат за тестирање на возачите, известуваме дека станува збор за истите тестови. Со нивна употреба не е почнато бидејќи уште тече рокот за испорака согласно склучениот договор за нарачка. Се очекува испорака во првата половина на август“, велат од МВР за „Слободен печат“.

