Вечерва свечено беше отворен 56-от Републички фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“ во Битола. Како увертира на свеченото отворање се одржа највпечатливиот настан на овој фестивал фолклорното дефиле-со песна и игра низ битолските улици.
Стотици учесници од земјата и светот продефилираа низ Широк Сокак, носејќи ја убавината на фолклорот, музиката и културното наследство.
На фестивалската сцена во преубавиот амбиент на платото пред Офицерскиот дом, КУД „Илинден“ од Битола ја изведе Комитската легенда со што започнаа фестивалските вечери.
Пред присутните се обрати директорот на Центарот за култура Сашо Илковски, кој рече дека повеќе од половина век „Илинденски денови“ е местото каде што традицијата не е спомен од минатото, туку таа е жива вредност, вредност што се пее, се игра, се раскажува и се пренесува од генерација на генерација.
Во своето обраќање градоначалникот на Битола Тони Кoњановски рече дека веќе две недели Битола живее во ритамот на фолклорот, традицијата, играта, песната, филмот, едукацијата. Градот и организаторот на фестивалот ги пречекаа гостите од земјава и светот на најдолгите „Илинденски денови“, фестивал кој со право годинава го има мотото, односно темата „Точка на поврзување“.
„Дозволете ми на организаторите да им честитам за нивниот труд и напори да направат одлично издание на фестивалот. Исто така ме радува визуелниот идентитет на 56-то издание, каде фокусот е македонската народна носија, интернационалната носија и глуварчето како централен симбол. Како што беше кажано неговите семиња, кои патуваат со ветерот, ја симболизираат идејата за движење, размена и поврзување, исто како што и овој фестивал ги поврзува културите, традициите и луѓето од сите страни на светот. Вкупно 77 настани со преку 1300 учесници во претпрограмата и официјалната програма со петте фестивалски вечери, како и 7 концерти на македонски уметници.Со ова Битола повторно станува центар на домашниот и светскиот фолклор, простор за дијалог меѓу културите, за научната мисла, креативноста и негување на традицијата која го добива своето заслужено место и е водилка на овој фестивал, промотор на македонската традиција“ рече градоначалникот Коњановски.
Фестивалот за отворен го прогласи попретседателката на Собранието на Македонија Весна Бендевска која рече дека Битола пред светот ќе го промовира автентичниот, автохтон македонски фолклор, со звуците на зурлите и тапаните, кавалите и гајдите, во единствениот седумосмински такт кој е оригинална македонска особеност, презентирајќи ги македонските неповторливи ора.
И годинава „Илинденските денови“ имаат богата фестивалска програма со настап на 34 фолклорни групи и ансамбли од Македонија, САД, Венецуела, Порторико, Кина, Грузија, Холандија, Унгарија, Словачка, Грција и Шведска.
18 фестивалски денови на 56-то издание на Републичкиот, но и интернационален фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“, исполнети со богата уметничка, научна и едукативна програма, го прават најдолгото издание во својата историја.


