ПОДЕМ одбележа 18 години постоење – „Искуство. Визија. Одговорност.“

Партијата на обединети демократи на Македонија (ПОДЕМ) денес свечено го одбележа 18-годишниот јубилеј од своето основање, во присуство на основачите, членовите на Централниот и Извршниот одбор, претседателите на општинските организации, претставници на коалициските партнери, бројни членови, симпатизери и гости.
Во своето обраќање, претседателот на ПОДЕМ, проф. д-р Живко Јанкулоски, истакна дека осумнаесет години претставуваат потврда за исправноста на идејата врз која е основана партијата – политика заснована на знаење, одговорност, чесност и работа во интерес на државата и граѓаните.
Тој нагласи дека ПОДЕМ денес е зрела и стабилна политичка партија, која активно придонесува во креирањето на јавните политики преку своето учество во Владата, при што кадрите на ПОДЕМ се вклучени во економските политики, развојот на конкурентното земјоделство, зајакнувањето на локалната самоуправа и унапредувањето на институциите.
Јанкулоски ја потенцираше и програмската определба на партијата за силна економија, модерно и конкурентно земјоделство, квалитетно образование, функционални институции и една изборна единица без изборен праг, како модел за поголема демократска застапеност.
Осврнувајќи се на идните активности, тој најави дека оваа година ПОДЕМ ќе го одржи својот Петти конгрес, кој ќе претставува нова етапа во развојот на партијата, како и продолжување на активностите за меѓународно позиционирање на ПОДЕМ во европскиот политички простор преку соработка со партии од центристичката политичка ориентација.
На свеченоста се обрати и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, кој упати честитки по повод полнолетството на ПОДЕМ и ја истакна важноста на коалициското партнерство, меѓусебната доверба и заедничката посветеност кон реформите, економскиот развој и унапредувањето на животниот стандард на граѓаните.
Во духот на мотото „Искуство. Визија. Одговорност.“, ПОДЕМ го одбележа својот 18-ти роденден со порака дека останува посветен на политиките што обединуваат, на одговорното учество во институциите и на создавање подобри услови за развој на Република Северна Македонија.
Свеченоста заврши со заедничка здравица и роденденски коктел, со порака дека ПОДЕМ продолжува да ја гради својата иднина врз принципите на знаење, одговорност и единство.

НАЈНОВО

НОВОСТИ
ПОВРЗАНИ