2win800x200

Општина Битола го одзеде објектот ДТВ Партизан од закупецот оти го реиздавал и злоупотребувал во лични цели

Ноември 08, 2023

Општина Битола му го раскина договорот на Фирмата ДООЕЛ Џокер Турист заради реиздавање на просторот даден под закуп, објави градоначалникот Тони Коњановски.

Комплексот кој според познавачите на приликите се простира на површина околу 10 000 квадратни метри вклучувајќи ги поранешниот кафе- бар „Зодијак“, спортското игралиште за мали спортови, паркингот, детскиот забавен дел, тениското игралиште, дуќаните што излегуваат на улица „Партизанска“ и други објекти се дадени под кирија уште во 2005 година  и тоа за период од триесет години.

Коњановски на својот Фејсбук профил пишува дека потребно е да и објасни на јавноста зошто дошло до овој потег објектот сместен во Градскиот парк ДТВ Партизан кој се употребува како гимнастичка сала да се врати во владение на општината.

„Кога шпекулациите ќе надвладеат над разумот, повеќе од потребно е да се реагира во јавноста, особено ако спортот и младите се инволвирани и злоупотребени во лични цели“, пишува Коњановски.

Според градоначалникот, гимнастиката години наназад е спорт кој е поддржан од општина Битола, како и останатите спортови и не може да биде загрозена од поединци кои сакаат да стопанисуваат на сметка на спортот.

Така според Коњановски поради неплатени долгови кон општина Битола, Фирмата ДООЕЛ Џокер Турист има раскинат договор за закуп на спортски објект од 992 м2, познат како ДТВ Партизан, како и дворно место од 8399 м2 и помошни деловни простории кои припаѓаат кон спортскиот објект.

„Ваквата законска одлука не значи дека гимнастиката ќе згасне, или дека Клубот на гимнастички спортови Битола нема да работи. Напротив, објектите кои што се во функција на спортот, како што е гимнастичката сала, може да се издаваат според  утврден ценовник на општината. Клубот за гимнастички спортови  како и сите останати спортски клубови, ќе може да ја користат и понатаму, во  насока на развој на гимнастиката. Меѓутоа реиздавањето на просторот под закуп и правењето на профит на сметка на спортот, општината нема да го дозволи“, пишува градоначалникот Тони Коњановски за одземањето на објектот ДТВ Партизан.

Оттука Коњановски вели дека мора да се направи јасна дистинкција помеѓу законска обврска и спорт, односно „мора да се стави крај на самоволието на поединци, кои застапувајќи ги личните интереси, се затскриваат зад спортските клубови.“

Заложбата и вложувањето на општина Битола во спортот и младите била и ќе остане наша примарна цел и затоа општината ќе продолжи да биде поддржувач на сите спортисти кои се залагаат пред се, за правилен развој на децата преку спорт, за спортски успех и спортски напредок на градот, наведува Коњановски осврнувајќи се на најавениот протест.

„Оттука, време е да запрат шпекулациите за гимнастиката, со цел да им оставиме на младите да го практикуваат овој спорт достоинствено и да се гордееме на нивните спортски успеси, онака како што доликува на спортска Битола.

Воочи најавениот протест, граѓаните треба да ја знаат вистината и да знаат дека никој нема да им ја одземе можноста за спортски активности во побараните термини во салата за гимнастика. Напротив и без најавениот протест ја имаат мојата и поддршката од Општина Битола, за понатамошно успешно делување во областа на спортот. Моите врати остануваат отворени за сите родители на децата кои тренираат гимнастика и добронамерници во спортот, со цел да се знае вистината и законските одредби, кои мора да важат над интересите на поединци“, смета градоначалникот.

Нема достапен опис.

Под објавата на градоначалникот на Фејсбук со порака се јави и закупецот на ДТВ Партизан, Љупчо Арнаудов, кој вели дека Општина Битола за гимнастиката нема дадено ни денар во последните 20 години.

„ Џокер Турист е фирма што го реновира домот, постави осветлување, стави нова фасада. Го претвори во место каде 120 деца спортуваат. Една шајка немате ставено таму оти тоа е имот на ДТВ Партизан, а вие го крчмите“, пишува меѓу другото Арнаудов и најавува мирен протест.  

А.Блажевска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани