2win800x200

Општина Битола планира да гради комплетна инфраструктура за новите трговски центри ЛИДЛ и БЛИС, но неизвесно е дали Советот ќе даде зелено светло

Ноември 08, 2023

БИТОЛА – Општина Битола планира да гради комплетна инфраструктура за продажниот центар на познатиот синџир „Лидл“ и трговскиот комплекс „Блис“ чии градби започнаа на локацијата на Дулие на самиот влез во Битола од страната на Прилеп. Изградбата на инфраструктурата: коловоз, канализациска мрежа, водовод, ново улично осветлување е дел од Програмата за развојни планови на Општина Битола за 2024-2026 година што утре ќе биде ставена на дневен ред пред битолските советници.

Во моментов мнозинството во Советот е во рацете на СДСМ и независните советници од „Поинаку“, како и партиите ДОМ и ДУИ, па неизвесно е дали овие планови на градоначалникот Тони Коњановски за развој на Битола ќе добијат зелено светло.

Нема достапен опис.

„Лидл“ започна да се гради ова лето, а според плановите треба да биде завршен до август 2024 година. На локацијата веднаш до него се гради и трговскиот комплекс „Блис“ на површина од 20.000 квадратни метри, така што покрај двата објекти треба да поминува сосема нова улица и да се реконструира околната улична мрежа во функција на овие капитални објекти.

„На локацијата кај Дулие се градат два капитални објекти ‘Лидл’ и ‘Блис’, кој ќе биде четири до пет пати поголем од соседниот објект. Тука според планот треба да се направи една комплетно нова улица со канализациска мрежа, водовод и електрична инсталација. Во исто време треба да се уреди и докомплетира постојната улица покрај Еврејските гробишта со нови тротоари и цел простор да добие архитектонско – естетско обликување на просторот. Добро е да гледаме што повеќе издигнати кранови, во градот да се гради и вложува“, изјави стопанственикот Јорго Шундовски, од фирмата „Форми“ која заедно со „Беком“ се градители на „Блис“. 

Нема достапен опис. 

За да се заокружи оваа инфраструктурна целина кај Дулие во Битола треба да се реконструира и комплетната инфраструктура на влезот на Битола од страната на Скопје, односно улицата „8 Септември“, која сега остава грда слика за градот.

Нема достапен опис.

Исклучително важна за битолското стопанство е и обновата на улицата „Индустриска“ во индустрискиот дел на Битола (од населбата Боримечка до мостот на реката Курделец) каде се наоѓаат голем дел од стопанските капацитети и помали бизниси од градот. Таму на „Индустриска“ сликата е повеќе од очајна со раскопаната улица со дупки како кратери и насобрана вода, што влијае негативно врз функционирањето на тамошните капацитети. 

Каков  исход ќе има утре во Советот, Развојната програма на Битола, засега е тешко да се претпостави со оглед на тоа што со претходниот предлог ребаланс на општината од мнозинството не беа прифатени повеќе инфраструктурни проекти, а од советниците беа дадени амандмани за други проекти, кои власта најголем дел ги прифати.

Од советничката група на ВМРО ДПМНЕ велат дека доколку развојната програма не добие поддршка од мнозинството советници се загрозуваат инвестициите на ЛИДЛ и БЛИС,  а со тоа и отворањето на нови работни места за битолчани.

„Негласањето на развојна програма ќе значи дека Советот е против приватните инвеститори кои своите финансиски средства ги инвестираат во Битола и ќе се испрати лош сигнал и кон идните инвеститори. Нашата задача како советници е да креираме нови можности за инвестирање, а сегашните и идните инвеститори да почувствуваат дека имаат партнер, а не непријател во Советот“, изјави Бојан Бојкоски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Од советничката група на СДСМ потенцираат дека општината секогаш добила поддршка за клучни проекти во градот, но направила многу малку од тоа.   

„Како во минатото, така и денес ние даваме поддршка за реализација на клучни, пред се капитални проекти  во нашиот град. Меѓутоа, се сомневаме во способноста на градоначалникот и неговиот тим во реализација на истите. Овој заклучок го темелиме врз база на тоа што мал број на проекти се реализирани во Битола во изминатите две години откако е на власт ВМРО ДПМНЕ и Коњановски“, изјави Методија Илиевски, координатор на советничката група на СДСМ и коалицијата.

Планираните средства за Развојната програма на Општина Битола до 2026 година, изнесуваат близу 1,4 милијарди денари. Односно од буџетот за 2024 година ќе бидат издвоени нешто повеќе од 308 милиони денари, за 2025 - над 588 милиони денари и за 2026 година - 480 милиони денари. 

„Во периодот од јануари 2022 година, досега се изготвени 40 нови проекти кои што ќе овозможат подобрување на  комплетната инфраструктура, во различни делови на општината, вклучувајќи ги влезовите на градот, руралните места и центарот на градот како и уредување на долги години запоставените простори каде што во изминатиот периодот беа отстранети дивите гаражи“, изјави градоначалникот на Битола, Тони Коњановски. 

Нема достапен опис.

Во Развојната програма на општината влегуваат со години заборавени улици од централното градско подрачје,  каде само се крпат и пополнуваат дупките на асфалтот, а при пороен дожд улиците се под вода. Сега со оваа програма се предвидува инфраструктурна обнова на улиците-„Христо Ботев“, „Леринска“ и „Нико Фундали“ со нов коловоз и канализација. Како и еден важен потег реконструкција на коловозот на улица „Булевар 1-ви Мај“ (од Црн Мост до улица „Столарска“).

Со години наназад во недолична состојба се и улиците на битолската населба Баир, каде заради неизградената инфраструктура течат фекалии по улиците. Сега со плановите за обнова се опфатени „Караорман“ , позната по тоа што на бројот 101 живее цела населба од Роми. Во овој опфат се планира обнова и на улиците „Мукос“, „Петта“ и „Љубојно“ на битолскиот Баир.  Покрај улици во градот предвидена е реконструкција и на улиците во повеќе битолски села како и изградба или реконструкција на објекти низ селата.

Во инфраструктурните планови е уредувањето на локациите и изградба на паркинг простори на улицата „Романија“ кај Декорпод и на Ат Пазар каде сега власта гради кружен тек.

Нема достапен опис.

А.Блажевска 

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани