2win800x200

Одбележан Денот на рударите во РЕК Битола

Август 29, 2018

Владата работи посветено да го зголеми производството во ЕЛЕМ и РЕК Битола, а јас со мојот кабинет и раководството ќе обезбедиме одржлива и предвидлива иднина на овој комбинат, рече денеска вицепремиерот за економски прашања во Владата на РМ, Кочо Анѓушев, на централната прослава во РЕК Битола по повод Денот на рударите. Но, исто така работиме и на тоа да обезбедиме поеколошко производство на струја од РЕК Битола, бидејќи нема алтернатива за животот и здравјето на граѓаните од Битола и целиот Пелагониски регион,  додаде Анѓушев

- Во таа смисла, мора да се подобри состојбата во Брод Гнеотино, мора да се подобри состојбата со ископите и од таму да се добијат предвидените можеби не 2 милиони тона годишно, но барем милион до милион и триста тона годишно. И мора, без алтернатива да се мисли на отворањето на Живојно, во блиска иднина. Само тој начин ќе обезбеди континуирана работа на РЕК Битола, која што и тоа како е неопходна за работењето на електро-енергетксиот систем на Република Македонија. Без тоа електро-енергетскиот систем во Република Македонија не може да биде стабилен, за да го направиме стабилен мораме да ги превидиме овие дејности-рече вицепремиерот Анѓушев.

Покрај вложувањата во РЕК Битола  за набвака на сопствена механизација за ископ на јаглен, од ЕЛЕМ велат дека  паралелно се инвестира и во еколошкиот сегмент. 

-Нашата цел како управен одбор на АД ЕЛЕМ е во иднина да вложуваме во нашите производни капацитети, секако да вложуваме во обновливи извори на енергија, што е тренд секаде во светот, но исто така од тука треба да нагласиме и дека без енергија од термоелектрани-е невозможно да се одржи стабилен и сигурен енергетски систем. Нашата заложба е инвестициите кои ги правиме и ќе ги правиме во нашите комбинати да одат паралелно со инвестициите во еколошките сегменти односно, вложуваме во редовно и одговорно отпепелување според сите протоколи, поставување нови електростатски филтри, пошумување во околината на комбинатот и редица други мерки со кои ќе покажеме и покажуваме дека сме одговорни и кон потребите на граѓаните за навремено снабдување со електрична енергија, но и кон нивните потреби за чиста животна околина и заштита на среднината во којашто живееме, истакна генералниот директор на АД ЕЛЕМ, Драган Миновски.

Директорот на РЕK-Битола, Васко Ковачевски, во своето обраќање потенцира дека менаџерскиот тим на РЕК Битола, со поддршка ЕЛЕМ, започна редица проекти со кои работата на рударите и на останатите вработени во Комбинатот, треба да стане подостоинствена, условите за работа подобри, производствените перформанси повисоки.

-За нешто повеќе од шест месеци од доаѓањето на новиот менаџерски тим во РЕК Битола, повторно се ставени во функција или санирани дефектите на шест багери кои се исклучително важни при ископот на јаглен и јаловина во рудниците Подинска јагленова серија – Суводол и Брод – Гнеотино. Вкупното производство на јаглен за првите шест месеци е натфрлено и покрај големиот број предизвици со кои се соочивме. АД ЕЛЕМ и  РЕК Битола особено внимание посветуваат и на едно од најгорливите прашања за Битола и регионот – заштитата на животната средина. Започнати се редица проекти од кои дел веднаш се очигледни, а дел се сложени и долгорочни и ефектите од нив се очекуваат во блиска иднина. Непокриените површини на одлагалиштето за пепел се намалени од 30.000 м2 на помалку од 5.000 метри2, односно за 6 пати, започната е постапката за ревитализација на електростатските филтри, првпат по 1996 година. По ова, ќе следува и постапката за изградба на постројки за десулфуризација како и редица други проекти за кои ќе известиме во следниот период, рече директорот на РЕК Битола, Васко Ковачевски.

Директоерот на ПЕ Рудници при РЕК-Битола, Душан Вукадиновиќ зборуваше за предизвиците со кои се соочуваат рударите во извршувањето на нивните работни задачи и за постигнатото во рудниците во последната година.

-Условите за работа во двата рудници на АД ЕЛЕМ, Подружница РЕК Битола се тешки. Нема лесна рударска работа во било кој рудник во светот. За да се победи природата од секој вработен се бараат жртвување, исклучителна умешност, знаење и физичко напрегање, ама пред се потребни се добра организација и тимска работа.Рудниците " Суводол" и " Брод - Гнеотино" се вклучени во сложениот енергетски систем на Република Македонија. Тие поради карактерот на производот претставуваат незаменлив фактор во целокупниот економски живот на државата и нејзините граѓани- рече Вукадиновиќ.

Од комбинатот  посочија дека изминатата зима се соочиле со голем број проблеми при ископот на јаглен, но, сите биле успешно надминати, а за заложбите денеска беа наградени 57 вработени во РЕК Битола. Од раководството велат дека целосно се подготвени за новата грејна сезона.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани