2win800x200

Изборите се „виновни“ што не е поправен акцелераторот во Битолската болница

Март 14, 2024

БИТОЛА – Битолската болница и натаму нема функционален акцелератор потребен за радиотерапија на онколошките болни. Најново, вината се префрла на претстојните избори.  Овој проблем останува отворен  и покрај укажувањето на Заводот за ревизија, кој лани во октомври во извештај констатираше дека во болницата во посебен објект, бункер, сместен е линеарен акцелератор но не се користи и не е внесен во сметководствената евиденција, објави nezavisen.mk

Значи и покрај укажувањата на ревизорите во најкус можен рок да се преземат активности од страна на болницата и да се стави во употреба акцелераторот, тоа не е сторено. Оваа машина во Битола е набавена во 2013 година. Бункерот чинеше 45 милиони денари, а акцелераторот од шведски производител 1,6 милиони евра. Битола требаше да биде втор онколошки центар околу кој гравитираат 200 илјади жители од југозападниот регион. До денес тоа не се случи.

Основното јавно обвинителство од Битола за „Независен“ потврдува дека ги испитува наводите дали во Битолската клиничка болница се работело криминално и незаконски во периодот пред и за време на корона кризата. Истрагата на ОЈО Битола се совпаѓа со извештајот на Државниот завод за ревизија за 2022 година каде стои и укажувањето за акцелераторот.

Денес од Клиничката болница велат дека успеале да отстранат дел од забелешките на ревизорите, меѓутоа не успеале да го стават во употреба акцелераторот. Ова значи дека болните од рак од Битола и регионот за радиотерапија сѐ уште ќе патуваат во Скопје.

„Во врска со сите помали дефекти на чилерот на акцелераторот – ве известуваме дека опремата за мобилизација е веќе набавена од страна на Министерството за здравство. 

Исто така од МЗ, се очекува набавка на компјутерска техника за симулација кој е додатен и неопходен дел на акцелераторот без кој тој не може да биде ставен во функција, но заради претстојните избори периодот на набавка ќе биде пролонгиран. 

Во врска со обука на вработените во Одделение за онкологија со палијативна терапија и радиотерапија,  персоналот, физичари, специјалисти радиолошки технолози и доктори специјалисти, нивната обука е веќе финализирана и тие се обучени за работа со акцелератор од овој вид“, изјави Ивона Трифунов, портпарол на Клиничката болница Битола.

Актуелен директор на Клиничката болница Битола е д-р Елизабета Ивановска, која на функција е од лани пролетта, нејзиното работење не е опфатено во истрагата на ОЈО, туку се однесува на претходни директори на болницата од кога СДСМ е на власт.  Од тимот на д-р Ивановска велат дека во дел постапиле по забелешките на ревизорите.

Досега отворени се три обвинителски истраги и еден судски процес за Битолската болница.  Предметите што ги отвори ОЈО се врз основа на ревизорските извештаи, дел од нив се нови предмети, а дел се приклучуваат кон веќе постоечки предмети влезени во судот, велат од ОЈО.

Предметите опфаќаа најмалку три раководства на болницата, кои биле на функција од 2017 наваму.

„Предметот е во фаза на предистрага, во рамките на која надлежниот јавен обвинител издаде наредби и насоки да се извршат проверки“, потврдија денес од прес-службата на ОЈО за „Независен“.

Всушност, ОЈО Битола покрај тоа што работи на забелешките од државните ревизори, својата истрага ја потпира и на извештајот на Фондот за здравствено осигурување во врска со исплаќањето на дежурства за немедицински персонал во Клиничката болница Битола. Фондот за здравствено осигурување во извршената контрола констатирал дека има пропусти и незаконитости во однос на исплаќањето на дежурства и доставил известување до ОЈО.

За менаџирањето со битолската болница постои и трет предмет кој веќе е во судска постапка кој што се однесува на реализирани службени патувања и поделени дневници. Но, овој процес не се базира на ревизорскиот извештај зашто е започнат пред тоа.

Во октомври лани, Државниот завод за ревизија објави извештај за финансиските извештаи за работењето на болницата и утврди низа неправилности. Со увидот во евиденцијата на работното време, пресметката и исплатата на плати и надоместоци на плати, кои во текот на 2022 година се исплатени во износ од приближно 581 милиони денари ревизорите констатирале низа неправилности.

Околу 36 милиони денари се исплатени по основ на дежурство, без побарана согласност од Министерството за здравство за нивно воведување, а утврдена е и појава на исплата на дежурства на немедицински кадар во износ од 919 илјади денари, што не е во согласност со Законот за здравствена заштита.

 

А.Блажевска 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани