2win800x200

Гордана ја отвори, Стево ја затвори изборната арена во Битола

Април 22, 2024

Автор Анета Блажевска 

 

БИТОЛА – Гордана Силјановска-Давкова ја отвори, а Стево Пендаровски ја затвори изборната арена за претседателските избори во Битола. Случајно или не, кандидатите на помалите политички партии поминаа и заминаа речиси нечујно на теренот во Битола. Во суштина сите седум кандидати, кратко се задржаа на битолската политичка сцена, и повторно впечатокот е дека битката е меѓу двете најголеми партии од македонскиот политички блок кој ќе освои глас повеќе во среда на 24 април.

Битолчани со кои разговараме, а ги следат политичките состојби, коментираат дека и на овие избори се повторува социјалниот феномен гласачите да бидат поактивни и позаинтересирани за големите партии, иако генерално заклучуваат дека целата кампања е „млака вода“ , објави nezavisen.mk

 

„Недостасува јасен фокус на кампањата на претседателските избори, се испомешаа претседателските приоритети со локалните ветувања, во претседателската кампања да се оди од врата на врата и да се ветуваат исполнувања на месните заедници е недопустливо. Но, очигледно заради поделеноста на општините, најчесто на градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, понудата мораше да се спушти на тие граници, за да се докаже која партија е подобра на терен. Она што како гласач очекував од кандидатите за претседател да чујам е јасна визија каков систем ќе градат во државата и надворешните односи, во своите ингеренции, не ми е важен ликот како лик“, коментира битолчанецот Иван.

Наши соговорници забележуваат дека оваа кампања се води премногу агресивно на социјалните мрежи и по медиумите, а нечујно на терен.

„Агресивна онлајн кампања, а излитена на терен. Отворате Фејсбук, и веќе сте ‘бомбардирани’ со фотографии и спонзорирани објави, од друга страна гледате турска серија на телевизија и  таман, Ферид да ја запроси Сејран, ќе ви излезе некој од кандидатите за претседател и отиде среќниот момент. Шегата настрана, вакво претставување на кандидатите или ако сакате промашување ретко се случува“, забележува битолчанецот Панде.

Она што на битолчани најмногу им пречи е броењето на присутни партиски членови на митинзите, и броењето и фалењето кој колку автобуси ќе однесе на митинг во Скопје или Охрид, колку поддржувачи излегле во Битола, дали ја наполните салата или не. Па, така, за нив не се воопшто интересни партиски пресметки колку гласачи собира плоштадот „Магнолија“, па до каде имало насобрано луѓе, па дали биле само од Битола или од околните општини, колку собира салата на Театарот, или колку столчиња може да се постават во Пациото на Битолскиот музеј, каде најчесто се одржуваа митинзите за кандидатите за претседател на државата.

„Зарем и по 30 години, ќе ги ‘вергламе’ истите работи и така ќе билдаме рејтинг. Која партија имала повеќе поддржувачи на митингот, па се мери и пресметува до последниот човек. Тоа е веќе заморно за гласачите, кога знаеме дека големите партии ‘за уши’ ги носат членовите на митинг. Затоа што им дале вработување. Непотребно е да се прикажуваат со дронови автобусите, оти тоа не значи ништо за гласачите. Малите политички партии не се заморуваат со броење на присутни, а не значи дека ќе немаат гласови. Митинзите докажуваат дека тешко е да се мобилизира членството и потврдуваат дека репресија врз членството продолжува“, вели битолчанецот Ѓоко.

Пресметките  се дека во Битола на гласање на претседателските избори би излегле најмногу до 44 илјади гласачи.  Дека околу 32 илјади гласови би биле поделени меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, додека околу 10 илјади би биле поделени меѓу кандидатите на помалите партии од македонскиот блок. Кандидатите на албанските партии би привлекле околу 2 илјади гласови.

Соговорниците сметаа дека двојните избори направија замор во кампањата за парламентарните избори, па се чувствува отсуство на тој политички жар да се продолжи битката.

Сепак сметаат дека хируршки прецизна е само кампањата од врата на врата, каде партијата точно може да оцени дали во еден дом, во едно семејство има поддржувачи и на колку гласови може да се надева.

Партиски членови кои во изминатиот период го „изораа“ теренот од врата до врата уверуваат дека потенцијалните гласачи не остануваат незаинтересирани единствено на контактот лице в лице со политичарот.

„Во тие лични контакти многу лесно можете да ја почувствувате емоцијата кај гласачите, едни ви отвораат врата, ве гушкаат, категорични се за вашиот кандидат, други бараат ветување, па макар тоа било одзатнување на шахтата пред нивната врата, трети не откриваат ни ‘за’ ни ‘против’, има и такви што ќе ви ја треснат вратата пред очи, и ќе ви кажат да ве носи Драгор, со се флаери и подароци. Со оваа кампања, заедно  со месните заедници лесно стигнуваме до некоја бројка,  и после тоа работиме со гласачите каде ќе процениме дека може да постигнеме успех, кои се неопределени или разочарани од  било кои причини“.

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани