2win800x200

Коњановски-Без политички маркетинг, Советот да дозволи општината да ја заврши постапката за згрижување на бездомните кучиња

Јуни 27, 2023

Во интерес на објективното информирање на јавноста, а во контекст на денешните случувања во Советот, градоначалникот Тони Коњановски за Апла.мк изјави дека по укинувањето на шинтерската служба во 2016 година со одземањето на ингеренциите на ЈП Комуналец, заради неисполнување на соодветни услови за згрижување на бездомни животни, до 2022, до неговото доаѓање за градоначалник, општината не презела ништо за да го реши проблем со бездомните кучиња во градот, освен што исплаќала оштета на граѓани каснати од улични кучиња.

-Со моето доаѓање во општината, во 2022 година за првпат издвоени се средства, спроведена е постапка и склучен е договор со фирма за заловување и третман на бездомните животни и пристапено е кон обезбедување соодветни услови за бездомните животни во прифатилиште, изградено од општината.

Согласно наведеното, враќање на шинтерската служба во ЈП Комуналец е невозможно, затоа што за обезбедените услови потребно е да биде издадена дозвола од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, за што општината веќе се подготвува во новото прифатилиште, согласно законската регулатива и пропишаните стандарди. Напоменувам: Агенцијата за храна и ветеринарство пропишала услови кои во моментот ги нема во ЈП Комуналец, а наскоро ќе бидат обезбедени во прифатилиштето, доколку други одлуки од Советот не ја попречат оваа постапка, наведува градоначалникот Коњановски.

Од друга страна, Коњановски смета дека не е праведно што на денешната седница на Советот се поставува точка на дневен ред со која ќе се зголемат средствата за заловување на кучиња на 1.000.000 денари „затоа што, измена на Програмата за животна средина може да се направи, откако со ребаланс на буџетот ќе се испланираат овие средства, што општината веќе ги планира“.

-Противзаконски е правење на измена во Програмата и зголемување на средствата пред истите да бидат испланирани во буџетот, затоа што тоа би значело и спроведување на јавна набавка без обезбедени средства, што не е дозволиво, предупредува Коњановски.

Накрај градоначалникот напоменува дека Општина Битола ги презема сите мерки за решавање на проблемот со бездомните кучиња и смета дека ситуациите од пред некоку дена со каснатите деца од кучиња, не смее да се злоупотребуваат за политички маркетинг, кој може да донесе само правен вакум и одолговлекување на започнатите процеси.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани