ДПМНЕ и градоначалникот Тони Коњановски го “заглавија” во долг од над 1 милион и 200 илјади денари Јавното претпријатие Паркинзи, обвини ЈАдранка Павловска, советник од СДСМ.
„Над 560.000 денари потрошил лани тогашниот директор на Паркинзи, Горан Степановски за нафта и бензин во четирите возила што ги има претпријатието. За поштенски услуги, мобилни телефони и интернет, Паркинзи потрошиле фантастични над 530.000 денари, за репрезентација скоро 70.000 денари. И покрај лошите финансиски резултати, ЈП
Паркинзи за спонзорства и донации лани дало 424.000 денари, а за објави и огласување над 89.000 денари. На крајот, кога ќе се повлече цртата, Паркизни ја заврши 2022 година со загуба од над 1 милион и 200 илјади денари.
Помеѓу успесите на Горан Степановски и ДПМНЕ во Јавното претпријатие Паркинзи е и поскапувањето на паркингот во Битола и укинувањето на слободните 15 минути кои битолчани многу често ги користеа за да завршат набрзина некоја обврска низ градот.
Градоначалникот Тони Коњановски како награда за катастрофалните резултати што ги оствари Горан Степановски во ЈП Паркинзи, го награди со директорско место во малку поголемо јавно претпријатие, со повеќе буџет и пари на располагање и го назначи за прв човек на Комуналец.
Ете, тоа е, почитувани битолчани, матрицата на ДПМНЕ. Директорите работат недомаќински, а Коњановски ги наградува или ги зема под своја заштита. Коњановски е најголемиот виновник за состојбата во Битола оти тој назначува и тој разрешува директори. А, сите негови кадровски решенија досега се покажаа како чиста катастрофа. Битола има градоначалник кој троши 30 милиони евра буџет, а граѓаните ништо подобро не живеат. Битолчани имаат директори на јавни претпријатија кои работат во корист на партијата, а не во интерес на Битола“, рече Павловска.