АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против 25 лица вработени во МВР поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в од Кривичниот законик. Пријавените С.И., М.К., Б.Г., Р.А., Р.Ч., Д.Ј., З.В., И.И., Н.З., Г.А., И.Н., Ј.Н., И.М., Д.Ц., Е.В., А.Ш., Н.П. и Б.Б. во својство на претседател и членови на Комисијата за разгледување и подготвување на предлози во однос на поднесени барања за издавање одобрение за набавување на оружје во СВР Скопје, СВР Куманово, СВР Тетово и СВР Битола, во периодот од 2021 до 2024 година несовесно постапиле во вршење на своите должности и овластувања на начин што при постапување по барањата за издавање на одобрение за набавка на оружје дале позитивно мислење за издавање на одобрение за набавка на оружје на предлогот доставен до Комисијата за ревизија на позитивно одлучени барања за издавање одобренија за набавување оружје, спротивно на одредбите од Законот за оружје.
Пријавените В.К., О.Л., А.О., С.А. и Ѓ.К. во својство на претседател, членови и заменици членови на Комисијата за ревизија на позитивно одлучени барања за издавање одобрение за набавување на оружје не извршиле правилна ревизија на содржината на позитивно одлучените барања и наместо предметите да ги отфрлат или вратат на повторно одлучување заради докомплетирање, врз основа на претходно изготвени списоци на баратели на одобрение покрај кои биле испишани имиња на дел од членовите на Комисијата за ревизија, донеле позитивни одлуки и овозможиле баратели да се стекнат со одобрение за набавување на оружје спротивно на одредби од Законот за оружје. При вршење на ревизија постапувале несовесно и селктивно при решавање на предметите, а по вкупно 5470 предмети воопшто не постапиле и не донеле одлука со што придонеле да застарат.
Пријавените, Џ.А., помошник на министерот и Л.П.М., началник на Сектор за оружје и член на Комисијата за ревизија на позитивно одлучени барања за издавање на одобрение за набавување на оружје, пропуштиле должен надзор на начин што иако знаеле дека било позитивно одлучувано за поднесени барања спротивно на Законот за оружје, дека по поднесените барања селективно се постапува или воопшто не се постапува овозможиле барателите спротивно на законските прописи да се стекнат со одобрение за набавување на оружје. По спроведена постапка, за потешко кршење на работниот ред и дисциплина, за 15 вработени е изречена мерка откажување на договорот за вработување.