АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Малку недостигаше Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола годинава да го носи мотото „Manaki Мothers“ зашто голем дел од годинашните кинематографери и други гости се жени. Но, бидејќи не се обезбедија големи женски имиња за добитници на главните награди, ова можеби ќе остане како идеја за следната година, најави директорот на фестивалот Симеон Мони Дамевски.
„Имајќи предвид дека за дистрибуцијата на ‘Раката на господ‘ е одговорен ‘Нетфликс‘, кој има ригорозни високи стандарди за превод, тие сакаа да го направат низ многуте нивни филтри и нè ставија во неизвесност дали ќе го обезбедат преводот до почетокот на фестивалот. Не сакавме да ризикуваме, затоа се согласивме да го ставиме на програма следниот ден“, рече селекторот на главната програма Слаѓан Пенев.
Паралелно со филмската програма во Центарот за култура и во киното „Манаки“, во бавчата на Офицерскиот дом ќе има ревијални проекции на македонски филмови од програмата „Мак корнер’’. Организаторите сметаат дека „Браќа Манаки“ е местото каде што треба да се промовира и домашната филмска продукција. Ќе има и изложби, настапи на музичари и настани кои ја презентираат битолската традиција.Тоше Ивановски се осврна на Офф програмата која е придружен дел на Фестивалот.
-На Офф програмата работи тим креативци кои го покажуваат посебниот интерес на Битола кон фестивалот „Браќа Манаки“ како дел од нашата колективна меморија, нашиот идентитет и нашето историско наследство. Од исклучително значење е да кажеме дека Фестивалот „Браќа Манаки“ не е фестивал на некоја елита, туку е фестивал на граѓаните. Концептот на офф програмата е мошне атрактивен, со секојдневни изложби, колекционери кои ја раскажуваат филмската приказна на градот, живи слики, концерти на филмска музика...Особено сме горди што ја имаме за прв пат изложбата на Наум Карабатак, кој учел кај Манаки и која е наше историско наследство. На овој начин го презентираме живото културно наследство со Манаки, она со што сите ние како битолчани се гордееме. Би ја издвоил и изложбата на Државниот архив во Битола со која се одбележува 140 години од ражањето на Милтон Манаки. Таа има сериозно културолошко значење не само за градот, туку и пошироко, рече Ивановски, кој истакна дека сето ова заедно со концерти на филмска музика и настапи на познати музичари ќе го направи градот жив и интересен.