Зошто Илинден е празник на поделби: „Потребна е заедничка прослава, да не оди секој на сопствена страна бидејќи се праќа погрешна слика за тоа како го чествуваме“

Август 02, 2023

„120 години Илинден – Огниште на татковината“ е слоганот под кој годинава, се одбележува 2 aвгуст – Денот на Републиката. Традиционално, чествувањето на денот кога славиме 120 години од започнувањето на Илинденското востание, прогласувањето на Крушевската Република и денот кога пред 79 години е одржано Првото заседание на АСНОМ и воспоставувањето на нашата државност, започна синоќа со манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“. Илинден во Македонија датира од 1903 година, кога на 2 Август Македонците и другите народи се кренаа на востание против Отоманската Империја и ја формираа Крушевската Република. Поради тоа Илинден е познат и како денот на Републиката. Востанието беше кренато на 2 Август – на денот на Свети Илија кој е национален православен празник кога традиционално се одржуваат верски церемонии во црквите и манастирите ширум Републиката.

Повиците за заедништво и за надминување на поделбите се редовна пракса во говорите на политичарите за време на прославата на 2 август. Но, реалноста е поинаква, бидејќи со години власта и опозицијата не се сплотени, а поделени се и граѓаните. Според, професорот на Катедрата по историја при Филозофскиот факултет, Далибор Јовановски Илинденското востание е камен-темелник на македонската државност. Посочува дека тоа не е случајно бидејќи во Втората светска војна, македонските партизански единици, од она што после ќе прерасне и во ослободителна војска, ги носат имињата на илинденците.


Јавноста е многу малку запозната со тие т.н. илинденски маршеви на 2-ри август 1940 година, кога на територијата на денешна Македонија, тогаш дел од Вардарската бановина, Македонците масовно излегоа да го слават Илинденското востание, без никаква странска инволвираност. Кога мислам странска, велам за источниот сосед. Што покажуваат дека уште тогаш пред да добиеме државност, тоа востание го чувствуваат како свое, вели Јовановски за „Локално“.

Професорот е дециден треба да се направи поголемо единство меѓу политичарите околу барем заедничката прослава на националниот празник.

Трае повеќе од дваесетина години и негативно влијае во однос на тоа како не гледаат другите. Потребно е во иднина да има заедничка прослава, да не оди секој на сопствена страна бидејќи тоа не говори само за поделбата во општеството. Сепак да не немаме илузија – секаде во светот општествата се поделени. Се праќа погрешна слика за тоа како ние го чествуваме празникот, кој е исклучително голем. Догодина славиме 80 години држава, апелира Јовановски.

  

За тоа дали има опасност по македонската држава и нејзиното опстојување, соговорникот оценува дека не постои држава што е дадена еднаш засекогаш.

Некогаш постоеле империи, кои денес ги нема. Постоеле други држави, кои со времето исчезнувале. Ниту една држава не е дадена од Бога – тоа е разултат на еден процес на развивање на одредени состојби на теренот на кој се создава државата. После создавањето на државата, најдобар начин за избегнување на пропаѓање на државата е развој и единство. Гледате што се случува со помоќни држава од нашата каде што има проблеми. Пример во Велика Британија со Шкотска, во Шпанија со Каталонија и Баскија. Треба да разбереме дека државата еднаш се создава, но не мора да опстане еднаш засекогаш. Затоа е потребно постојано следење на состојбите на глобален план. Денес гледаме дека светот драстично се менува поради многу други фактори, не само заради војната во Украина, смета професорот.

СДСМ поднесе Декларација до Собранието во однос на Илинден, за што Јовановски вели дека треба прво да се види текстот и како ќе биде протолкуван од сите засегнати. Во принцип вели дека е против многу резолуции бидејќи, според него историјата на македонскиот парламентаризам од 1990 година говори дека многу резолуции што биле едногласно донесени, понатаму не се практикуваат или почитуваат.

Во Софија имаме слична ситуација и таму ми е јасно зошто се случуваат, истакнува професорот.

Со Јовановски зборувавме и за слабостите во државното промовирање на македонската историја во светот. Според него не само властите, тука треба и самите светски и видни научници да се концентрираат, кои претходно ја критикуваа македонската историографија, а сега застанаа зад македонската наука бидејќи согледаа каде води патот.

Прво и основно треба да има желба за истражување и таа постои. Треба да биде реално и реално пишување. Како второ е тоа што државата одамна има заборавено финансирање. Имам неколку книги објавено, од кои најголемиот дел ми се од сопствени средства и поддршка на донатори. Потребно е државата да финансира квалитетна наука. Земете го случајот со соседна Србија – сите говориме како Белградскиот универзитет е меѓу првите 500, а Нишкиот веќе е натаму. За науката јас што ја работам – буквално на секоја статија која ја објавуваат или во Србија или во странство, стои дека таа е дел од проект број тој и тој, финансиран од Владата на Република Србија, ни рече профеосорот.

Нагласува дека ако државата застане зад историската наука, ќе постои добра основа за понатамошен научен развој бидејќи тешко е да објавуваш книги во сопствена режија за квалитетна наука. Категоричен е дека ние не сме нешто посебно како што не обвинуваат некои соседи.

Нека си ги видат сопствените писанија и ќе им стане јасно. Мора да помогне државата и ќе си бара резултати и одговорност за тоа што е дадено. Без одговорност, резултатот нема да вреди, потсетува проф. Јовановски.

Н.П. 

Извор Локално.мк 

Линк https://lokalno.mk/

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани