Зајкова: Потребни се државнички решенија, а не да се создава нов конфликт, да се креираат непријатели и да се сее страв

Август 30, 2023

Пратеничката и претседателка на Либерално-демократската партија Моника Зајкова во интервју за Рацин.мк вели „да живееш во постојан страв дека сите ти се непријатели и дека еден ден ќе ти одземат се е само израз на сопствената несигурност“.

За Зајкова постојаната реторика за избори во тек на значаен процес влева сомнеж дека сепак проблемот на опозицијата не е во дополнувањата на Уставот, ниту во стратешката определба за ЕУ, туку исклучиво во прашање е освојување на власта сега или никогаш, по секоја цена.

Зајкова за Рацин.мк дека доколку до ноември не се создадат услови за одржување на Втората Меѓувладина конференција со ЕУ, опозицијата повторно ќе не внесе во чекална, во која поминуваме години и години.

Со пратеничката и претседателка на Либерално-демократската партија Моника Зајкова разговараше Љубиша Николовски

Во комуникацијата со колегите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ се чувствува ли кај некои од потреба за изгласување на уставните измени и желба за европска перспектива на земјата или пак се чувствува страв и притисок од раководството на партијата?

Моника Зајкова: Пратениците се народни избраници и не треба секогаш да ги следат исклучиво партиските ставови. Секој пратеник треба да носи одлуки по сопствена волја и согласно неговата визија за тоа каква треба да биде државата и каде ја гледа, во корелација со стратешките интереси кои сме ги поставиле. Ако сите сме согласни дека сме за напредок на државата на евроинтегративниот пат тогаш тоа треба да го покажеме освен со зборови и на дело. Од празни зборови и популизам останавме години во ЕУ чекалната.

Затоа кога стоиме пред одговорна и тешка одлука, потребни се државнички решенија, а не да се создава нов конфликт, да се креираат непријатели и да се сее страв. Да живееш во постојан страв дека сите ти се непријатели и дека еден ден ќе ти одземат се е само израз на сопствената несигурност.

Како лидерка на ЛДП како го коментирате непопустливиот  став на Мицкоски по однос на уставните измени?  Дали станува збор за суета или пак за нешто подлабоко?

Моника Зајкова: Секој од нас кога добил можност да извршува некоја функција треба да е свесен дека мора да носи и тешки државнички одлуки кои може да бидат на сметка на неговата политичка кариера, а не да бега од нив само подолго да се задржи на тронот. Треба да покажеме големина кога е во прашање државата и иднината на граѓаните. Разбирливо е да дискутираме со „За“ и „Против“ аргументи зашто треба да се спроведе процесот. Но, единствениот аргумент да ни биде дека е потребно „да одиме на избори“ најмалку ни носи напредок на државата. 

Ќе вроди ли со плод  ангажманот на САД и претставниците на ЕУ во разубедување на опозицијата и со тоа продолжување на европскиот пат на Македонија?

Моника Зајкова: Треба да сме самите свесни, да се стремиме за напредок, да водиме напред во ЕУ семејството. Ние, додека дебатираме и мериме на политички кантар за ЕУ, граѓаните ни заминуваат во поперспективни европски држави кои имаат развиени економии и нудат можности за нивниот подобар животен стандард. Ние буквално го трошиме времето во стоење во место, затоа треба да ја премостиме пречката да не останеме таканаречената црна дупка на Балканот, односно да бидеме во друштво на речиси сите земји од регионот кои преговараат со ЕУ. 

Кандидатскиот статус го добивме во 2005 година. И тогаш, со донесување на тешки, но рационални одлуки, од страна на истите партии кои сега седат во ова мнозинство. Благодарение на тие одлуки се случи безвизниот режим со земјите членки на ЕУ.

Сега лесно се патува во ЕУ, се отворија можности за студирање на нашите млади луѓе на престижни универзитети надвор од земјата, можности за вработување и поддршка на своите дома, овде во државата, за стекнување на нови искуства и вештини. Се отворија европските фондови од кои што се финансираа и се уште се финансираат огромен број на проекти во сите општини и во кои што се ангажирани многу млади и паметни луѓе, кои што на тој начин си ја обезбедуваат егзистенцијата овде, во државата.

Сега повторно ние сме тие кои што треба да застанеме зад нив и да го носиме товарот, колку и да тежи. Да не им го оставаме нашето бреме, затоа што и тие ќе мора еден ден да го понесат своето. Ако нашата генерација сега извојува победа, следната генерација својата битка ќе ја води за уште повисоки цели.

Затоа сметам дека е добро да направиме чекор надвор од чекалната. 

Доколку како владеачко мнозинство сепак не успеете да обезбедите двотретинско мнозинство, кои опции ви стојат на располагање? Има ли простор за компромис и за предвремени избори?

Моника Зајкова:  Што ќе сменат предвремените избори? Ќе ги ставиме проблемите во фиока и после избори ќе добиеме магично стапче и се ќе се среди? Не сметам дека на Македонија и требаат постојано предвремени избори затоа што гледаме од праксата во минатото дека со нив ништо не се менува, а најмалку пак државата напредува. Знаеме колку финансии се трошат од буџетот кој го полнат граѓаните за избори. Искрено не гледам што би промениле изборите и каков бенефит од истите би имала државата и граѓаните. 

Постојаната реторика за избори во тек на значаен процес влева сомнеж дека сепак проблемот на опозицијата не е во дополнувањата на Уставот. Не е проблемот ниту во стратешката определба за ЕУ. Туку исклучиво во прашање е власта. Сега или никогаш, по секоја цена. Или со нас или никако. Упорно се “качува” рејтинг со сеење страв, со создавање на чувство на загрозеност и немоќ пред креираните непријатели внатре и однадвор. Повторно самоуништувачки поделби до крај, без никаква одговорност за тоа што ќе биде утре. Никој не може да биде наш поголем непријател од нас самите. И никој не може да ни помогне повеќе отколку ние самите на себе.

Не треба да ги одложуваме работите, тоа значи само едно, бегање од одговорност до изборите, а што потоа? Ќе се случат и избори, тоа барем е извесно, најдоцна за една година. Но, што потоа?

Ставот на парламентарното мнозинство е јасен. Ги прифативме сите предизвици, нудиме најдобро прифатливо решение, кое што по ниту еден основ не нè загрозува ниту како држава ниту како граѓани, за во ноември широко да си ја отвориме европската перспектива.

Кој е ставот на опозицијата? Што тие ќе направат по изборите, ако до ноември не се создадат услови за одржување на Втората Меѓувладина конференција со ЕУ? Повторно ли ќе не внесат во чекална, во која поминуваме години и години.

Линк од текстот https://racin.mk/

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани