Започнаа работните активности со кои во Градскиот парк, се врши подготовка на теренот за поставување на мултинаменска современа инсталација, насловена како Болдер трибина. Архитектурата на оваа инсталација е концепирана по модерните текови на сите европски метрополи со анимирање на јавните простори. Редовна практика е вакви скулптурални болдери со модерен архитектонски дизајн да се поставуваат во современите забавни паркови, а како
референца, во овој случај се земени примерите на Словенија, Австрија, Германија и Данска.
Објектот има ширина 3,33 метри, должина 10,80 метри и висина 3,60 метри и е дел од проектот чиј носител е Спортскиот клуб за качување „Вертикал“, а истиот се реализира во соработка со општина Битола, со средства обезбедени од европските фондови.
Мотото на проектот е: преку ангажирана забава до спорт и култура, а со тоа да се подигне и јавната свест за потребните содржини на јавните простори, кои ќе овозможат ангажирана забава за децата, со што ќе ги поттикнат на спортски активности.
Болдер трибината е направена да не служи само со една функција – качување. Благодарение на нејзината контрадикторна геометрија, може да се перцепира како скулптурална инсталација во просторот. Едната страна е испрекршена, додека другата е ортогонална. Геометриската страна е наменета како надворешен болдер ѕид за качување на кој има неколку варијации на различни површини со одреден агол и најразлични фатишта. Од другата страна, т. е внатрешаната, се појавува еден мал амфитеатар – трибина, за седење, одмарање, читање, театарска претстава, концерт итн. Овој дел е делумно покриен, т. е на највисоката точка има отвор кој служи како видиковец на околината, но и на луѓето кои ќе се качуваат од другата страна на болдерот. На фронталната страна постои една ниша, која е триаголна во основата, и која е затворена од двете страни со цел да остане само една отворена страна која го врамува погледот на околината и ја изолира истата, идеално за одмор, читање на книга и друго.
Целта на Болдерот не е да се наметне, туку да се вклопи во контекстот, и да стане препознатливо место за собирање, договарање, концерти, изложби, ангажирана забава за деца, спорт и друго.
„Повеќе студии укажуваат и на важноста од тоа, дека качувањето на карпи, како спортска активност, е од особено значење за децата, бидејќи овозможува добар психо-физички развој кај нив и можност за брзо надминување на одредени фобии (од висина и сл), како и правилен развој на нивната самодоверба и решителност. Понатаму, качувањето овозможува развивање на спортскиот дух, бидејќи дел од тие дечиња, забавувајќи се на активен начин – преку игра, ќе имаат можност да стекнат спортски вештини, патем, да станат членови на спортско качувачки клуб, па и врвни спортисти - амбасадори на нашиот град и држава“, потенцираат од Спортскиот клуб за качување „Вертикал“.