2win800x200

Општина Битола е подготвена за капитални инвестиции од една милијарда денари

Ноември 09, 2022
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски на денешната седница на Совет, информираше за развојната програма на општина Битола и изготвената проектна документација за реализација на над 65 проекти во вредност од една милијарда денари.
Интегрално обраќање на градоначалникот Коњановски:
Почитувана Претседателка на Советот на општина Битола г-ѓа Габриела Илиевска,
Почитувани Советници,
Почитувани медиуми и граѓани кои ја следите седницата на Советот,
Денес, кога на дневен ред на Седницата на Советот на општина Битола е Програмата за развојни планови за периодот 2023 до 2025, се радувам што можам да сублимирам, успешна реализација, но и да ги претставам проектите и проекциите за следниот тригодишен период.
Ќе напоменам дека, конечно влегуваме во завршна фаза со реализација на проектите за кои документацијата беше изготвена од претходната локална самоуправа или како што советниците од опозицијата сакаа да речат „нивните“ проекти и започнуваме процес на реализација на проекти за кои во изминатата година работевме проектна документација, кои нема да ги наречам „наши“, туку ќе нагласам дека сите реализирани и проекти кои ќе се реализираат се проекти за Битола, за битолчани.
Реализацијата на буџетот за оваа година, во делот на капиталните инвестиции е над 70%.
Од изготвените проекти кои ги затекнавме, исплативме и реализиравме проекти во вредност од 283.000.000 денари, а согласно програмата за економски развој, изготвената документација и обезбедените одобренија подготвени сме за реализација на капитални инвестиции и проекти во вредност од една милијарда денари.
Ако ги споредите двете вредности, навистина ќе видите дека станува збор за голема разлика и пред се интензивна динамика за проектна реализација која ни претстои.
За разлика од проектите за 23 улици кои ги затекнавме, сега имаме изготвено документација за 65 проекти, меѓу кои посебно сакам да истакнам дека:
Согласно ветеното пред граѓаните во изборната програма и спроведените постапки во изминатата една година:
- Во соработка со стручните служби изготвивме конкурс и избрано е идејно решение за модерен спортски центар, за кое наскоро и јавноста ќе биде информирана, а тоа што ќе следува во следната календарска година е да се пристапи кон изготвување на проектна документација врз основа на идејните решенија.
- Во тек е постапка за јавна набавка за изработка на проект за изградба на противпожарна зграда, за која очекувам изградбата да започне идната година
- Од проектите кои ги ветив пред граѓаните, а за кои сме подготвени за реализација се проектите за изградба на патеки – Рекреативен центар Тумбе Кафе – Смолево, изградба на прифатилиште за бездомни животни, а веќе го реализираме и проектот за изградба на Нов парк во Нова Битола на површина од 25 000 метри квадратни.
- Отпочната е постапката за изработка на Генерален урбанистички план, согласно законската регулатива.
- Во делот на инфраструктурата, продолжуваме со изградба на улици, за кои е подготвена документација за урбаниот и руралниот дел на општината, меѓу кои се улицита Индустриска (Бурса) со должина од 2,4 километри, улицата Стив Наумов во должина од 1303 метри и меѓу сите тие проекти подготвена е и целата потребна документација, за она што претставува првата слика за Битола, односно влезот во градот од страната на Прилеп кој ги опфаќа сите фази на реконструкција на подземна инфраструктура и улично осветлување и на кој ќе почнеме да работиме идната градежна сезона
- Во врска со стадионот, градежните активности кои што општина Битола со договор ги имаше склучено со ГП „Гранит“ за изградба на северната трибина на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола се целосно реализирани, што значи дека заврши изградбата на северната трибина.
Во тек е реализација на договор за поставување на столчиња за седење на трибината, а за скоро време се очекува нивно целосно поставување.
Преку договорот кој општина Битола го има склучено со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), треба да бидат поставени четири главни големи рефлектори, кои што ќе го осветлуваат стадионот.
Сепак, добро е и Владата да размисли за овој проект, кој општина Битола го реализираше од сопствен буџет и да инвестира средства во реконструкција и на другата трибина по примерот на општината.
- Во однос на проектот за гасификација, општина Битола има изработено 25 километри проект за инфраструктура, со кој се решава гасоводот и се сместува во рамките на постоечката урбанистичка планска документација. Веќе има одобрение за градба за 2 км дистрибутивна гасоводна мрежа, почнувајќи од ГМРС (Главна мерно-регулациона станица) до Цермат/Млекара. Во моментот во постапка на ревизија е Основен проект во должина од 8 км.
Општината има одобрение за Основен проект на една делница, меѓутоа се чека одлука од Влада за избор на оператор за реализација на натамошнниот деловен модел на дистрибутивната мрежа.
Ова значи дека сите обврски согласно предвидената динамика се преземени од страна на општина Битола во целост, но за жал сеуште нема никаква постапка од страна на Владата. Ова значи дека, општината во секој момент е подготвена да издвои средства, доколку од страна на Владата биде тоа побарано.
Сите овие подготовки за капитални инвестиции, се реaлизираат во исто време додека се реализира и програмата за животна средина, програмата за туризам, додека се овозможува поддршка за талентираните ученици и првачињата и се спроведуваат активности од програмата за култура, се овозможува поддршка за професионалниот спорт, индивидуални спортисти и спортски манифестации, се изработува стратегија за локален економски развој, стратегија за млади, а општината е лидер во транспарентност помеѓу сите општини во државата.
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани