АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Директорот на ЈКП Водовод Битола, Пеце Милевски демантира дека службеното возило го користел за приватни цели при патување во странство. Тврди дека патувањата со службеното возило се исклучиво за потребите на јавното претпријатие и со запазени законски процедури.
„Најодговорно тврдам дека никој од вработените во ЈКП Водовод Битола, па ни јас како директор не сме направиле злоупотреба при патување во државата или во странство со службено возило. Напротив сме патувале во интерес на јавното претпријатие за остварување на контакти и за стекнување на нови искуства за подобро функционирање на претпријатието. Исто така како претседател на АДКОМ (здружение кое ги обединува ЈП во државата) имаме обврска да остваруваме контакти за меѓународна соработка. Значи сме имале две до три патување, но исклучиво во интерес на јавното претпријатие“, вели Милевски за Апла.мк.
Милевски е дециден дека за реализираните патувања во странство се запазени сите законски процедури, што значи најпрво е донесена одлука на УО за патувањето и подготвен е патен налог. Што значи според него не е направена злоупотреба. Милевски вели дека за патувањата што ги реализирал досега како директор на Водовод, без оглед да биле во рамките на државата или во странство не побарал надоместок на патни трошоци.
Првиот човек на Водовод, не гледа ништо спорно во прозивката на претседателката на Совет Габриела Илиевска да се утврди дали имало злоупотреба на службеното возило за приватни цели од директор на јавно претпријатие во Битола, ниту пак во одговорот на градоначалникот Тони Коњановски дека ќе прати ревизија во јавните претпријатија и ќе бара одговорност ако некој од директорите ги пречекорил своите овластувања.
„Јас ја почитувам работата на Советот на Општина Битола и самиот сум бил советник, а и сега од позиција на директор на локално јавно претпријатие. Кога се работи за вистината, за прашањето како се трошат парите на граѓаните, се мора да е транспарентно. Можеби некои информации се дезинформации, но претседателката на Совет тоа прашање го поставила јавно и ние како претпријатие ќе одговориме на барањето на Општината да ги доставиме сите документи за најавената ревизија. Мислам дека ќе бидат задоволни од одговорот“, вели Милевски.
Накрај Милевски заклучува дека ако се утврди било каква злоупотреба од негова страна, тој е спремен да понесе одговорност.