2win800x200

Владимир Талески и во Прилепскиот затвор уште зема плата од Битолскиот театар од 52.000 денари

Јануари 12, 2023

БИТОЛА – Затвореникот Владимир Талески, вработен како актер во Битолскиот народен театар сѐ уште е на неговиот платен список, оти пресудата од Апелацискиот суд не е стигната до Битола. Поточно во театарот, затоа што очигледно пресудата стигнала до другите институции инаку Талески немаше да биде спроведен во прилепскиот затвор. Талески од понеделникот попладнето е сместен во прилепскиот затвор на издржување на ефективна казна затвор од 4 години за случајот „Транспортер“, и ако пресудата не биде брзо испорачана во театарот, актерот за два месеци оди во пензија, без да добие отказ.

Талески речиси три години земаше плата од домашен притвор. Откако му престана градоначалничките мандат, тој се префрли на платниот список на театарот и сѐ уште зема плата од 52.000 денари, иако сега е затвореник.

Ваквата ситуација предизвикува бурни реакции кај битолчани на социјалните мрежи, кои едноставно прашуваат – До кога Владимир Талески и од затвор ќе зема плата од државата?


Од Битолскиот народен театар за „Независен“ потврдуваат дека пресудата од Апелацискиот суд во Скопје не е стигната кај нив за законски да може му го прекинат работниот однос на Талески, според одлуката на судот.

„Чекаме правосилната пресуда од Апелација да биде доставена до нас, па за да постапиме по неа. Сѐ додека немаме пресуда секој наш чекор ќе биде незаконски, Значи проблемот е на друго место, не е кај нас“, вели за „Независен“, директорот  на Битолскиот народен театар Иван Јерчиќ. 

Талески од 1983 година работи како актер во Битолскиот театар, речиси четири децении. Тој е роден на 7 март 1959 година и според законот до 8 март годинава тој треба да биде пензионер, право што го стекнува без оглед на извршувањето на казната затвор.

Вчера Судскиот совет го усвои извештајот на работната група која направи убиди во повеќе случаи што беа во Апелацискиот суд во Скопје, меѓу кои и предметот „Транспортер“. Работната група дојде до заклучок дека со пресудата за Талески се одолговлекувало од април до декември лани. Предметот речиси три години седеше во фиока во Апелација, а судија-известител беше Енвер Беџети. Истиот судија што како известител со месеци го држеше во фиока и предметот „Таргет-Тврдина“ во кој Сашо Мијалков беше осуден на 12 години затвор.

Пресудата на Апелација беше донесена на 27 декември откако „Независен“ упорно пишуваше за неверојатното одолговлекување на одлуката на за „Транспортер“, речиси три години. И дека дека екс-градоначалникот на Битола Владимир Талески од домашен притвор, чекајќи ја правосилноста на пресудата зема плата од Театарот. Пресудата била донесена во април годинава, но судијата-известител не ја напишал и не ја спровел. Значи, Талески уште во летото требаше да биде во затвор, ако судијата Беџети си ја вршеше работата како што треба.

Прашање е сега колку време пресудата од Апелацискиот суд во Скопје ќе патува до Битолскиот народен театар.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани