АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Погубниот тренд на генерирање долгови на јавните претпријатија и нивно катастрофално менаџирање продолжува и со локалната власт на ДПМНЕ. Наместо кривични пријави за корумпираното работење на претходните локални власти од СДС поради неодговорно раководење со јавните претпријатија, градоначалниците на ДПМНЕ продолжуваат да ги задолжуваат општините и општинските претпријатија, реагираат од Левицата.
„Катастрофална е ситуацијата во општина Битола, со која раководи градоначалникот од редовите на ДПМНЕ, Тони Коњановски. Финансиските извештаи покажуваат дека, само во една година, долгот во три јавни претпријатија во оваа општина се зголемил за неверојатни 15 милиони денари! Најкритична е состојбата во битолското ЈП Водовод, каде долгот се зголемил за 10 милиони денари и на крајот од 2022 година изнесувал речиси 18.500.000 денари“, се истакнува во нивното соопштение.
Со оглед на фактот дека голем дел од општините прв пат се задолжија со кредити, како што беше случајот со општина Аеродром, јавно прашуваме, додаваат од оваа партија, дали на овој начин партијата на Мицкоски ги финансисира своите скапи предизборни активности?! Веќе воспоставена пракса е овие две криминогени партии да ги цедат буџетите на централно и локално ниво за свои лукративни цели, а особено кога е во прашање предизборен период.
Според нив, јасно е дека овие две партии немаат капацитет да излезат од своите тесно партиски интереси и три децении меѓусебно ги амнестираат своите криминали, додека јавните институции се загушени во партизација, нефункционалност и долгови. Оценуваат дека нивниот модус операнди, како што велат, единствено почива на владеење преку партиски вработувања и тендер-зделки, без кои овие две партии веднаш би биле избришани од политичката сцена.