2win800x200

На денешен ден е роден Томаќи Димитровски, учесник во НОБ

Септември 01, 2023

NА ДЕНЕШЕН ДЕН 1 СЕПТЕМВРИ

Во 1922 година, во Битола е роден Томе ДИМИТРОВСКИ-Томаќи, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. Уште како ученик во Битолската гимназија во предвоениот период бил припадник на југословенската младонска комунистичка организација СКОЈ. Се запишал на Правниот факултет во Белград, Србија, но откако била окупирана Македонија во април 1941 г. се вратил во родниот град. Бил меѓу најактивните дејци во организирањето на антиокупаторска и антифашистичка борба. Во април 1942 г. станал борец на првиот битолски партизански одред „Пелистер“. Во септември 1943 г. станал член на првиот Народноослободителен комитет (НОК) во Битола, кој всушност бил првиот орган на новата македонска власт во градот. Бил откриен и уапсен од бугарската окупаторска полиција, а потоа бил осуден на доживотен затвор. Казната ја издржувал во затворот во Идризово, Скопско. По бегството на политичките затвореници од затворот во август 1944 г. станал борец во Третата македонска бригада. Загинал во борбите на оваа единица со бугарските војски на 28 август 1944 година, кај селото Морани, Скопско.

 

Подготвил: д-р Александар Литовски, историчар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани