АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во домашен притвор е родителот од Битола, кој пред два дена во училница на среде настава натепа ученик и наставничка. Причината за ваквото насилство бил нетрпеливиот однос меѓу двете деца, а наставничката наводно настрадала бранејќи го нападнатото дете.
Официјално, инцидентот се случи во ООУ „Даме Груев“ Битола, кога според извештајот на полицијата, двајца родители физички нападнале соученик на нивното дете и наставничка додека одржувала час.
Од СВР Битола за „АПЛА.мк“ потврдуваат дека на „родителот Р.Л му е одреден домашен притвор од 8 дена, и не смее да го напушта својот дом.“
Пред два дена во СВР Битола, родителот на натепаниот ученик Р.М.(48) од Битола пријавил дека за време на настава во основно училиште во Битола, неговиот малолетен син бил физички нападнат од сега притворениот Р.Л. и неговата сопруга Н.Л., родители на соученик на неговото дете. Истиот ден и М.Т.(44) од Битола, наставничка во истото одделение, пријавила дека за време на настава била физички нападната од двајцата родители.
По настанот на родителот му е одреден домашен притвор во траење од 15 до 23 мај.
Тој се сомничи за кривично дело „насилство“, а постапката ја води ОЈО од Битола.
Ова е прв ваков случај на подрачјето на Општина Битола во подолг период наназад, што е пријавен во полиција.
Дознавме дека определената мерка куќен притвор ќе се извршува во домот на осомничениот Р.Л, а надзор над куќниот притвор ќе вршат полициски службеници од СВР Битола.
Во изминатиот период полицијата известуваше уште за неколку случаи во основни и средни училишта во Битола, каде родители пријавиле насилство врз нивните деца од сооученици, но последниот случај во ООУ „Даме Груев“ Битола, беше еклатантен пример на насилство, пред очите на присутните ученици во класот, додека одржуваа час.
Пред еден месец во Средното медицинско училиште во Битола повозрасна професорка физички нападна помлада колешка, полицијата најави пријава за насилната професорка.
Пред тоа во Клиничката болница Битола се степаа и две лекарки. Едната ја нападна другата и случајот заврши во полиција.
Анета Блажевска