
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во Јуроп Хаус Битола, на 29 јуни се отвори изложбата „Инспирации“, која преку внимателно избрани фотографии ги носи посетителите низ трите градови што ја носат титулата Европска престолнина на културата – Кемниц, Нова Горица и Горица.
Повеќе од четири децении, иницијативата „Европска престолнина на културата“ ја потврдува моќта на културата како двигател на урбаниот развој, европската соработка и заедничката иднина. Токму оваа идеја е во фокусот на изложбата, која преку фотографиите се раскажува приказната за креативност, соработка и трансформација на градовите. Изложбата потсетува дека културата има сила да ги обликува и местата и луѓето што живеат во нив.
На свеченото отворање присуствуваа Н.Е. Паоло Палминтери, амбасадор на Република Италија и г-ѓа Ника Ротар, заменик-шеф на Мисијата на Република Словенија. Во име на амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер, беа пренесени срдечни поздрави и искрени желби за успешно отворање на изложбата и пријатно уживање во поставката.
Со прогласувањето на изложбата „Инспирации“ за официјално отворена, посетителите добија можност да се запознаат со атмосферата, културната енергија и инспиративните приказни на трите европски престолнини на културата за 2025 година.
Изложбата, поставена во соработка со КИЦ - Битола, ќе биде отворена за посетителите до 5 јули, во просториите на Јуроп Хаус Битола (Офицерски дом).









