НА ДЕНЕШЕН ДЕН Во 1923 во Штип е роден Ацо Шопов

Декември 19, 2017

На 20 декември во 1923 г. во Штип е роден Ацо ШОПОВ, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија, поет и преведувач, есеист и литературен критичар, академик.

Бил член на СКОЈ од 1940 г., а на КПМ од 1943 г. Бил борец во Шарскиот партизански одред, па во партизанскиот баталјон „Орце Николов" и во Третата македонска бригада, како и раководител на агитационо-пропагандото одделение и уредник на весникот „Огин“.

Во пролетната офанзива во јуни 1944 г. бил ранет.

Од втората половина на 1944 г. станал претседател на Народноослободителниот младински сојуз на Македонија (НОМСМ).

По ослободувањето се ангажирал во развојот на македонската култура и издаваштвото. Бил главен уредник и директор на издавачката куќа „Кочо Рацин“, главен уредник на повеќе списанија. Бил претседател на Друштвото на писатели (ДПМ), член на Македонскиот ПЕН-центар и ја раководел Републичката комисија за културни врски со странство. Бил претседател на Сојузот на литературните преведувачи на Југославија.

Од 1972 до 1976 г. бил амбасадор на СФРЈ во Сенегал. Бил член на МАНУ од нејзиното основање во 1967 г., а бил и дописен член на Српската академија на науките и уметностите (САНУ).

Бил пратеник во Сојузното собрание на СФРЈ.

Со својот интимизам му ги отвори вратите на македонскиот поетски израз кон модернизмот. Неговата поезија била препеана на повеќе странски јазици, бил носител на многубројни општествени и литературни награди и признанија.

Починал во Скопје на 20 април 1982 г.

                                                                                                                                     подготвил: д-р Александар Литовски, историчар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани