Во пресрет на Балканското првенство во полумаратон, и трките на 5 и 10км кои годинава ќе се одржат во Битола на 12 Септември, во рамките на битолската трка ТРЧАЈ БЕ, градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, денес имаше средба со претседателката на Атлетската федерација Александра Војнеска Зикова.
На средбата се разговараше за она што Битола ја очекува, за активностите кои ќе следуваат за овој голем меѓународен спортски настан зад кој стои АФМ со поддршка на Општина Битола. На Балканското првенство во полумаратон кое е планирано за 12 септември, најавено е учество на 21 држава членка на Балканската федерација.
На денешната средба, од страна на Војнеска- Зикова и директорот на трката Трчај бе Никола Димитровски, беше иницирана идејата за изградба на тартан атлетска патека во градот, за што градоначалничката Петровска, изрази поддршка, најавувајќи дека во следниот период ќе бидат разгледани можностите за реализација на овој предлог, со оглед на успесите кои ги нижи АК ОЛИМП кој е возобновен, а и самиот Трчај бе, како големиот спортски настан кој ја става Битола на картата за поголеми меѓународни спортски настани, како што е и најавеното Балканско првенство во полумаратон.