АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Центарот за личен развој, едукација и психотерапија “Анима“, со седиште во Скопје, под раководство на истакнатиот психолог, психотерапевт и тренер, Вера Димова, заедно со група психолози и психотерапевти, како и психолози едуканти на психотерапија, со пригодна свеченост, го отворија психолошкото советувалиште во Битола, кое ќе функционира во рамките на Центарот “Анима“.
Отворањето на еден ваков центар и психолошко советувалиште го наметна се поголемата потреба на граѓаните на Битола за добивање професионална психолошка поддршка и советување, како и потребата на голем број дипломирани психолози кои сакаат своето професионално знаење да го надградат и да се стекнат со звање психотерапевти.
Целта на отворањето на ова советувалиште е давање психолошка поддршка и советување на сите граѓани кои имаат потреба од психолошка поддршка, од страна на тимот психолози и психотерапевти на Центарот “Анима“, како и организирање на едукација и тренинг на сите заинтересирани психолози, кои би сакале да стекнат компетенции и професионално усовршување на полето на психотерапијата. Професионалното усовршување на психолозите, кои би сакале да го продлабочат своето стручно знаење и да се стекнат со звање психотерапевт, е од психотерапискиот правец гешталт психотерапија, а по завршувањето на едукацијата ќе се стекнат со сертификат за гешталт психотерапевти. Едукацијата за идните гешталт психотерапевти ја врши психологот, гешталт психотерапевт и тренер Вера Димовска, раководител на Центарот “Анима“, која е сертифициран гешталт психотерапевт со меѓународно признат сертификат за гешталт психотерапија, од страна на Европската асоцијација на гешталт терапевти, со преку 25-годишно професионално искуство како психолог, психотерапевт и едукатор.
-Отворањето на едно вакво советувалиште во Битола е навистина исполнување на една моја долгогодишна желба, не само како психотерапевт, туку и како родена битолчанка, која повеќе години поради професионални ангажмани живеам во Скопје, но сепак, врската со мојот роден град Битола ја одржувам во континуитет. Повеќе години сум раководител на мојата школа, Центарот за личен развој, едукација и психотерапија “Анима“, чие седиште е во Скопје, а веќе неколку години на барање на голем број психолози од Битола, држам едукација од областа на гешталт психотерапија на едукациски групи психолози во Битола. Се поголемиот интерес на младите за психологијата и големиот број психолози кои сакаат да се доедуцираат од областа на психотерапијата, ја наметна потребата да се отвори ваков центар и советувалиште во Битола, во кое не само што ќе се реализираат едукациите и работилниците за едукантите на психотерапија, тука во Битола, со што едукантите не би морале да патуваат дури до Скопје, туку во ова советувалиште и граѓаните на Битола кои имаат потреба од добивање на стручна психолошка помош и поддршка би можеле да ја добијат од страна на искусни и добро едуцирани психолози и психотерапевти – истакна Вера Димовска и додава:
-Психолозите кои се заинтересирани за стручно доусовршување од областа на психотерапијата, можат да се стекнат со две нивоа на знаење и компетенции – прво ниво за гешталт советник и второ ниво за гешталт психотерапевт. По завршувањето на едукацијата ќе можат да се стекнат со меѓународно признат сертификат за гешталт советник или гешталт психотерапевт, кој е признат од Европската асоцијација на гешталт терапевти (ЕАГТ). Би сакала да додадам дека во едукација од прво ниво кое е ниво за личен раст и развој, можат да се вклучат и лица кое не се по професија дипломирани психолози, но кои би сакале преку работа на себе да се развиваат и да стекнат сознанија од областа на психологијата кои би им биле од полза во нивниот личен и професионален живот. Во тимот психолози-психотерапевти кои ќе даваат психолошка поддршка на граѓаните има искусни гешталт психотерапвти од првата генерација психотерапевти во Македонија со преку 20 – годишно искуство, но и помлади колеги психолози и психотерапевти, кои се истакнале со својот професионален ангажман и кои ќе ја продолжат и развиваат психолошката и психотераписката дејност во Битола – истакна Димовска.
Инаку, Вера Димовска, заедно со тимот на психотерапевти од Центарот “Анима“ е дел од првата генерација гешталт психотерапевти во Македонија, кои посетувале едукација под менторство на најпознатиот гешталт психотерапевт во поранешна Југославија, Младен Костиќ, кој беше основоположник на гешталт психотерапијата во Југославија, кој своето знаење пак го црпеше од познатиот светски гешталт психотерапевт од Соединетите Американски Држави, Џенет Рејнвотер, а која пак беше ученик на освоположникот на гешталт терапијата Фриц Перлс. Сега Димовска своето знаење и богато психотераписко искуство несебично им го пренесува на помладите генерации психолози и идни гешталт терапевти, кои имаат ретка можност да се стекнат со стручно оспособување од областа на психотерапијата.