На денешен ден, 27 октомври во 1920 година, во Битола е роден народниот херој Стеван НАУМОВ-Стив, истакнат припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.
Неговото семејство води потекло од селото Битуша, Леринско, Егејски дел на Македонија. Заврши гимназија во Битола, а потоа студира на Техничкиот факултет во Белград, каде што е примен за член на СКОЈ и на КПЈ. Во Белград повеќе пати е апсен, а по враќањето во Битола е избран за секретар на Месниот комитет на КПЈ. Од таа позиција разви жива активност за формирање на партиски ќелии и привлекување на нови членови, а тоа особено дојде до израз во неговата активност во битолското претпријатие за преработка на тутун познато како „Монопол“.
По Априлската војна 1941 г. работи на прибирање на оружје, муниција и друг воен материјал и на организирање на оруженото востание. Се спротистави на решението на Методија Шаторов-Шарло за поврзување на македонската партиска организација кон БКП. Сосема рано од периодот на окупацијата, во јули 1941 г., премина во илегалност. Ја осмисли и организира т.н. Илинденска демонстрација во Битола на 2 август 1941 г. Го организира и формирањето на Битолскиот партизански одред „Пелистер“ во април 1942 г.
На 6 мај 1942 г. во Битола го уби полицискиот бугарски началник Александар Ќурчиев. Во јуни 1942 г. стана член и политички комесар на Оперативниот штаб на Народноослободителните и партизански одреди на Македонија. Непосредно учествува во формирањето на Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“ на 6 јули 1942 г. над ресенското село Златари. Ја раководи и учествува во нападот на овој одред на полициската станица во село Кажани, Битолско, на 18-19 август 1942 г.
Загина во борба со бугарската полиција кај селото Болно, Ресенско, заедно со народниот херој Мите Богоевски, на 12 септември 1942. Бугарската полиција првин ги погреба во два гроба, потоа ги откопа и ги пренесе кај селската црква, а од тука потајно ги однесе кај селото Ѓавато и ги запали со бензин.
Прогласен е за народен херој на Југославија на 29 јуни 1945 г.
Подготвил: д-р Акександар Литовски, историчар