АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
„Учителка во старски дом, контролор на квалитет на суровини и производи во Нискоградба, земјоделски инженер во Водовод, хемичар во Зоолошката градина, информатичар во Пазари, информатичар во Комуналец, биотехнолог во урбанизам … Ова е дел од изборот на ДПМНЕ за членови на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија, поддржан од Поинаку и од Левица“, изјави на прес конференција Мирјана Захариевска Ралевска, советник во Општина Битола од редовите на СДСМ и коалицијата.
Таа истакна дека луѓе со несоодветно образование за управниот или надзорниот одбор во кој членуваат ќе раководат со јавните претпријатија во Битола само заради нивната политичка припадност во ДПМНЕ.
„Само три недели од преземањето на локалната власт, ДПМНЕ ја започна операцијата која најдобро ја знае, операцијата за згрижување или наградување на свои партиски војници во претпријатијата и институциите под капа на општината“, рече Ралевска.
„Освен што се нестручни за телата каде се назначени и што се истакнати партиски војници, најголемиот дел од новите членови на управните и надзорните одбори што ДПМНЕ ги изгласа со поддршка на Поинаку и Левица, се роднини на сегашни и поранешни функционери на партијата, со што ДПМНЕ остана доследен на политиката што ја практикуваше и во времето на Двојче кога Битола беше опустошена“, рече Ралевска.
„Советниците од СДСМ и коалицијата гласавме против предложениот состав на управните и надзорните одбори во јавните претпријатија и заради фактот што не постои ниту една реална и одржлива причина да се менуваат членовите на раководните структури кои изминатите четири години работеле одговорно и домаќински. Сите јавни претпријатија во Битола се во одлична финансиска состојба за разлика од пред четири години. Сите се модернизирани, со нови машини и возила, со поквалитетни услуги за граѓаните, повисоки плати за вработените. Ако денот по утрото се познава, тогаш за јавните претпријатија во Битола престојат четири години на неизвесност и страв од ново нивно разнебитување по веќе видениот рецепт на ДПМНЕ. Единствена новина е тоа што Поинаку и Левица овојпат се нивни соучесници“, истакна Ралевска.