2win800x200

Србиновски-Битолчани за директор на „Водовод“ добија келнер, со Степановски-Стентонград во најава

Декември 15, 2021

Интегрален текст од изјава на Дејан Србиновски, портпарол на СДСМ Битола

            Политичките промени на директорските места во јавните претпријатија се спротивни на тврдењата на градоначалникот Коњановски дека стручноста и менаџерските способности ќе бидат пресудни во водењето на локалната самоуправа.

Каква стручност да раководи со Водовод има Пеце Милевски? Битолчани за директор на едно од најважните претпријатија во градот добија човек кој до пред неколку години беше келнер (со сета почит кон сите што ја работат оваа работа). Најважна референца за Милевски да стане директор е тоа што е претседател на ДПМНЕ Битола. Иако, и тоа е спорно. Низ архивите на СДСМ Битола неговото име фигурира како учесник на изборни конференции на млади социјалдемократи, а неговиот лик го паметат жители на Горно Оризари од времето кога шеташе од врата до врата, ширејќи ги социјалдемократските идеи.

Ништо подобар не е изборот и на другите директори во јавните претпријатија, со исклучок можеби на Гордана Наумовска која ќе директорува со Комуналец. Паркинзи се враќаат во рацете на Стентоно. Од фирма на Благој Стентоно доаѓа новиот директор Горан Степановски. Стентонград во најава!

Пазари, пак, ќе го води професорката Соња Карапашовска која најблиску до делокругот на работа на ова претпријатие беше кога продаваше колонијални производи во Градскиот пазар.

Каде се новите лица на ДПМНЕ? Каде е новата иднина? Карапашовска и Милевски беа советници во времето на Владимир Талески. Тоа не се нови лица, уште помалку се стручни за раководење со јавни претпријатија во Битола. Нека ни е со среќа на сите!

Во оваа прилика, СДСМ Битола упатува јавна благодарност до сите директори на јавните претпријатија во Битола кои од политички мотивирани причини се сменети од раководните функции што ги извршуваа изминатите две, три, четири години. Горан Козаров во Водовод, Панде Богоевски во Комуналец, Зоран Дојчиновски во Паркинзи, Владе Атанасовски во Пазари...поставивте нови, високи стандарди на работење и однесување. Јавните претпријатија што ги раководевте ги консолидиравте финансиски, ги подновивте техничко-технолошки, ги нормализиравте меѓучовечките односи во претпријатијата и овозможивте подобри услуги за граѓаните. Водовод, Комуналец, Нискоградба, Пазари, Паркинзи никогаш не биле во подобра кондиција од сега и за тоа сте заслужни вие, вашите тимови и секако вработените кои успеавте да ги мотивирате и да ги насочите кон повисоки цели – јавното добро.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани