АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
НА ДЕНЕШЕН ДЕН - 15 декември 1914
На 15 декември 1914 г. во Битола е роден Јосиф ХРИСТОВСКИ-Ѕвончаро, припадник на македонското националноослободително и комунистичкото движење и учесник во антифашистичката борба во Југославија.
Основно и средно образование завршил во Битола. По матурата во 1933 г., се запишал на правни студии во Белград, Србија. Откако дипломирал во 1939 г. се вратил во Битола, бил еден од иницијаторите за создавање на Местен комитет на КПЈ во градот и станал негов прв секретар.
Заради својата револуционерна дејност од српската полицијата бил повеќе пати апсен и затворан. Во 1939 г. бил затворен во Билеќа, Босна и Херцеговина. Откако се вратил повторно бил вклучен во работата на комунистичката организација во Битола како член на Местниот комитет. Во септември 1940 г. бил уапсен и осуден на пет години затвор. Казната ја издржувал во Србија, во затворот во Сремска Митровица. Тука го затекнала Априлската војна од 1941 г.
Во август 1941 г. заедно со други комунисти-затвореници успеал да побегне од затворот и како партизан се приклучил на Фрушкогорскиот партизански одред. По краток период се префрлил во западна Србија и учествувал во создавањето и работата на познатата Ужичка република. Оттука заминал во југозападна Србија и во реонот на Лесковац бил борец на Кукавичкиот партизански одред.
Загинал во борбите на оваа партизанска единица со големосрпските четници на Дража Михајловиќ во април 1942 г..
подготвил: д-р Александар Литовски