АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Денес се навршија седумнаесет години од загинувањето на македонските бранители во близина на селото Гајре за време на конфликтот во 2001 година. Битолчаните Влатко Миленковски, Благојче Силјановски и Пеце Матичевски од општина Новаци беа воени резервисти, припадници на баталјонот на Воената полиција од Битолскиот корпус, кои во двојна заседа загинаа на 5 јуни 2001 година, во близина на селото Гајре, на раскрсницата од патот за Шипковица, во долината на реката Пена.
Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, заедно со повеќе делегации положија свежо цвеќе пред споменикот „Анѓел“ во паркот кај Саат кулата и кај споменикот подигнат на просторот во поранешната касарна. Во нивна чест, беше организиран и Меморијален турнир во мал фудбал, насловен „Влатко, Благојче и Пеце 2001“.
„Денес сме овде не само да им оддадеме помен, туку и да се потсетиме дека никогаш, никогаш не смееме да заборавиме на нивните семејства, на нивните потомци...Меѓутоа и како политичари мора да бидеме одговорни, да водиме политики којшто никогаш повеќе нема да ја доведат Република Македонија во таква ситуација. Тоа е наша должност и тоа мора да го направиме“, рече градоначалничката Петровска.