Под медијаторство и иницијатива на Форумот за разумни политики во рамките на фестивалот „Браќа Манаки“ се потпиша меморандум меѓу седум киноприкажувачи во Македонија: Кинотека на Северна Македонија, Синема паркинг кино-Битола, 3Д Кино Битола, Центар за култура-Битола, Киноверзум Свети Николе, кино Фросина од Скопје, кино Милениум и Синеплекс, зедно со Агенцијата за филм и канцеларијата на Креативна Европа Медиа Македонија. Годинава се одбележуваат 100 години од отворањето на првото кино на браќата Манаки и со овој чин симболично се одбележа овој значен јубилеј.
-Со овој меморандум се изразува интерес и желба за заедничко дејствување во киноприкажувачката дејност со една и единствена цел - Меморандумот да служи како основа за формирање на единствена кино-мрежа во Република Северна Македонија. Целта на оваа кино-мрежа е поврзување на прикажувачите односно кината и застапување на нивниот заеднички интерес. Вакви кино-мрежи веќе постојат во Европа, во регионот и во светот, еве сега и кај нас со ова здружување ќе се обидеме да ја вратиме изгубената публика и да создаваме нова кино-публика, но и едукацијата на филмска публика, рече Бистра Георгиева од Форум за разумни политики.
Беше подвлечено дека ако досега секој сам се справувал со предизвиците, од овој момент веќе здружено ќе создаваат нова кино публика, бидејќи, според Георгиева сите кои работат во културата имаат должност и обврска да понудат вакви стратегии и решенија.
-Особено ми е драго што ова вмрежување се случува токму во Битола, затоа што низ годините Битола и тоа како е запишан како филмски центар пред се со 3Д киното, преку фестивалот „Браќа Манаки“, Етнографски филмски фестивал, Фестивалот Камера 300 итн. Би сакала да истакнам дека иако денеска овој меморандум се потпишува на парче хартија, ние досега природно се вмрежувавме и сме реализирале безброј соработки, рече Маја Андоновска Илијевски, директорка на Центарот за култура – Битола.
По свеченото потпишување на Меморандумот, членовите на оваа иницијатива најавија следна средба во Свети Николе.