АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
(Преземено од Иновативност.мк)
Дигитализацијата е поим кој ќе го одбележи туристичкиот сектор во годините што доаѓаат, а сé под императивот “паметен туризам“. Но, многу малку сме свесни што значи самата дигитализација во туризмот? Кои се конкретните примери и импликации на дигитализацијата во туризмот? Како дигитализацијата може да помогне во работењето кога се работи за сместување или дестинација?
Две жени, ентузијастки Јасминка Поповска од Струга и Катерина Василевска од Охрид, подолг период работеа на создавање на онлајн платформа која деновиве ќе биде и официјално промовирана.Станува збор за Genuine Expiriences, регионален проект позади кој работеше тим на експерти со една единствена цел да се понудат туристички продукти во форма на искуства кои ќе ја раскажат приказната за Македонија, за нашата традиција, природното богатство и пред се човечкиот капитал.
(Дел од тимот на Genuine Expiriences)
Зошто паметен туризам?
Јасминка: Во време на брз технолошки напредок гостинот сака брз пристап до туристичката понуда. Гостите треба да ја донесат одлуката за вонпансионската потрошувачка уште кога се во својот дом. Треба да ги подгрееме очекувањата на туристите одлуката за патување да ја направат врз основа на тоа што ќе го видат како понуда, а не затоа што авионскиот билет за Македонија е евтин.
Светските патници сакаат да дојдат на места, да ги запознаат локалните жители, за миг да влезат во нивното секојдневие и тука да се чувствуваат како дома. Само со паметна комбинација на сите сите овие фактори може да добиеме одржлив туризам.
(Јасминка Поповска)
Како се одвиваше креирањето на Genuine Expiriencesод идеја до реализација?
Катерина: Врз основа на сите овие сознанија, за нашата идеја добивме подршка од Прекуграничната програма на ИПА за Македонија и Албанија и ги реализиравме сите фази предвидедни со проектот, така што сега сме во финалната, кога го презентираме на јавноста и на потеницјалните клиенти.
Целта ни беше е на пазарот да креираме специфична туристичка понуда, која е далеку од мејнстримот. За тоа ни беа потребни современи алатки. Креиравме онлајн платформа на која се поставени околу 50 автентични туристички доживувања од пограничниот регион. Понуда што не може да ја најдете кај ниту една агенција, па дури ни локалните жители не се толку информирани. Ова се скриените дестинации, кои се наменети за патувачи, кои не сакаат вообичаен туризам.
Преку платформата на едноставен начин гостинот може да избере искуство и со неколку клика да резервира и да си го плати искуството. Од другата страна на системот се понудувачите на услуги, кои веднаш ја добиваат информацијата, стапуваат во контакт со гостинот и потоа и двете страни можат да уживаат во доживувањето.
Зошто и потребна на Македонија промоција на одржлив и паметен туризам, на локално ниво?
Јасминка: Одржливо користење на природните ресурси, грижа за природното и културното наследство е единствениот начин на кој Македонија треба да се претстави на светскиот туристички пазар. Грижата која локалното население треба да ја покаже кон својата земја е она што ги воодушевува странските туристи.
Кои делови од прекуграничниот регион ги покривате со презентирање на туристички искуства?
Катерина: Засега ги покриваме Охридско-Струшкиот регион, Пешкопеја и Дибра регионот во Албанија. Но, интенцијата е тој да се проширува. А и првите сигнали ни кажуваат дека интересот кај локалното население кое може да понуди туристичко исксутво се зголемува. Овие два региони се на различно ниво на развој. Во Мaкeдонија го покриваме туристички најразвиениот регион,а во Албанија северниот дел на земјата кој некако е во сенка од медитеранот. Но,токму тука е убавината и размената. Успеавме на направиме паметно поврзување помеѓу понудувачите на туристички искуства од двете земји. Македонските понудувачи несебично ги споделуваат своите искуства од туризмот,а пак понудувачите од Албанија не потсетуваат на подзаборавените навики, традиционални вредности, едноставното секојдневие и донекаде изгубените мали работи кои можат да го направат секој ден поубав.
(Катерина Василевска)
Неодамна направивте истражување на пазарот на туризмот. Кои се заклучоците, каква е состојбата?
Јасминка: Обично во истражувањата има многу бројки, графикони и едно чудо неразбирливи заклучоци. Ќе бидам едноставна за разбирање, резултатите покажаа дека реално состојбата не е добра.
Туристичката понудата треба да се диверзифицира, a сите ние треба да покажеме повеќе грижа за природата. Ако нудиме туристичка услуга таа да биде во склоп со опкружувањето. Да не нудиме француски кроасани за доручек. Да не ги уништуваме националните паркови и да не ја изедеме целата риба од езерото. Не е хумано. Да уживаме во сонцето, во музиката и во приказните и вештините на домаќините кои сакаат да ги споделат со нас.
Кои се светските, а кои се локалните туристички трендови? Можете ли да направите компарација во туризмот?
Јасминка: Македонија е посакувана дестинација за Европјаните, но и за Азијатите. Не доживуваат помалку егзотично и неоткриено… Навистина сме европски бисер. Спојот на традицијата, гостопримството и љубезноста на нашиот народ се идеален спој за да добиеме врвен светски туристички продукт. Човечкиот капитал, уметниците, музичарите, вредните домаќинки, врвните спортиси и вљубеници во природа се луѓето кои ги поставуваат трендовите. Слободно можам да заклучам дека сме на врвот, но треба убаво да се спакуваме.
Имавте обуки од туристичкиот сектор, кои се нивните потреби?
Катерина: Да, обуките беа во насока како од вештините на понудувачи да направиме туристичко искуство. Локалците го имаат знаењето, но беше потребно време како еден мозаичар може да направи туристички продукт, да работи со туристи и да направи работилница за византиски мозаици. Како вештите домаќинки да направат кулинарско доживување и да им понудат на туристите работилница за правење комад. Како човекот што трага по тартуфи од тоа да понуди ексклузивно туристичко доживување.
Катерина: Потрага по тартуфи на Јабланица, работилница за плетење по охридските сокаци, совладување на техниката за плетење кошници во Пешкопеја, Албанија или како се прави моцарела во Макелара исто така во Албанија.
Преку Genuine Expiriences може да добиете можност да учествувате на работилница за изработка на византиски мозаик во Охрид од врвен уметник кој работел на конзервација на мозаици во Рим. Може да ви организираме потрага по шафран во Албанија или едрење на Охридско езеро. Но, да не откривам се…ви велам егзотични и неоткриени убавини имаме насекаде околу нас.
Јасминка: Веќе сме на половина сезона. Заради кризата со Ковид-19 домашни гости се наш приоритет и оние од соседството. Цените на искуствата се прилагодени за домашните гости. Ќе се обидиме да ги промовираме сите искуства, да направиме малку поинаква приказна за дестинацијата. Работиме на промоција и маркетинг интензивно во овој период, така што очекуваме навистина убави резултати.
Јасминка: Овој регион изобилуваше со странски гости, можеби не во голем број, но навистина квалитетни патувачи. Нам не ни треба масовна посетеност затоа што тоа ќе ги уништи искуствата. Нашата стратегија е градена да се фокусираме на странскиот пазар, така што сме подготвени после пандемијата целосно да се отвориме кон странскиот пазар. Ова е феноменална дестинација. Ако за некој регион во јужниот дел на Европа може да се каже дека е најдобро чувана тајна, тоа е регионот на Македонија и Албанија. Област со стотици високи планини со посебна убавина, длабоки прекрасни езера, плодни посостранства и една вистински недопрена убавина. Убавина во која живее еден спектакуларен свет на флора и фауна кој овој регион го прави посебен. Со брзи и бавни реки, со немирни водопади….чиј шум одекнува низ историја напластена во археолошки локалитети од древни времиња, духовни храмови на повеќе религии. Но, и на музеи посветени на важни настани и личности кои тука оставиле траги, незаборавни, вечни…
Ова не е место на некои екстреми и егзотики видени по светот, ова е регион исполнет со нетоксични недораскажани приказни кои Genuine Expiriences верувајте ќе ги раскажеме.
Разговорот го водеше Љубица Ангелкова
Фотограф: Кети Талевска
Преземено од Иновативност.мк
Целиот текст на линк https://inovativnost.mk/2020/07/19/%d0%bf%d0%be%d1%82%d1%80%d0%b0%d0%b3%d0%b0-%d0%bf%d0%be-%d1%82%d0%b0%d1%80%d1%82%d1%83%d1%84%d0%b8-%d0%b8-%d1%88%d0%b0%d1%84%d1%80%d0%b0%d0%bd-%d0%bf%d0%bb%d0%b5%d1%82%d0%b5%d1%9a%d0%b5-%d0%ba%d0%be-2/