АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Ова музичко-сценско дело изведено од Националната опера и балет нè однесе на едно космополитско патување, задржувајќи го вниманието на публиката од првата до последната сцена.
Госпоѓиците од Авињон во претставата ги отелотворија, со извонредната балетска игра, Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова- Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова и Христина Наќевска, кои настапија заедно со одличните Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лашеи од Унгарија, Агим Бафтии и Ендру Кук од Англија. Олга Панго, која е кореограф и режисер на претставата, со асистентите Горан Божинов и Саша Евтимова направија впечатлива кореографија, а заедно со сценографските елементи на Валентин Светозарев вклопени во приказната, но и играта на светлото за кое беше задолжен Милчо Александров, костимите на Раде Василев и шминкaта на Златица Поповска, ни овозможија неверојатна балетска магија.
Моќната музика за балетот е компонирана од Калиопи Букле. За атрактивноста на оваа балетска приказна зборуваат и позитивните реакции на присутната публика на премиерната изведба, која со долг аплауз го награди тимот што работеше на овој балет, и особено извонредните балетски играчи, кои ни донесоа магија на сцената.