По повод 11ти март, денот кога Евреите од Македонија беа депортирани во логорите на смртта, Архивот од Битола пренесува дел од судбината на фамилијата Пардо.
Пардо Јуда Јаков по професија манифактурист бил роден 1878 година во Битола и живеел со семејството на тогашната улица “Алимпиќа”бр.12 денешна Виенска. Негова жена била Сол родена 1882 година и имале ќерка Рахела која била родена во 1922 година. Други членови на фамилијата Пардо биле Леон, Есперанса, Давид, Сол, Естерина, Сузана. Пред кобниот 11 март дел успеале да се спасат со лажни албански лични карти и пребегнале во Албанија. Иако првично биле затворени поради фалсификувани документи во Струга по реакција на Министерството од Албанија беа интернирани во градчето Каваја каде живееле под полициски надзор до ослободувањето по што се преселиле во Сантијаго де Чиле. Тоа биле Леон, Есперанса и Сол. Останатите биле одведени во логорите на смртта од каде што ниту еден не се вратил жив.