АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Времениот објект што деновиве е поставен на Шеталиште пред влезот на Стадионот ќе биде coffee to go станица, се јави на социјалните мрежи сопственикот Гордијан Петровски и во објавениот ФБ статус тврди дека ги има извадено сите потребни доволи.
„Овој објект ќе биди coffee to go станица, секако има уште многу работа за да го добие својот вистински изглед. Објектот уште не е готов, во наредните денови ќе се финишира се и тој ќе се вклопи во целост со скејт паркот. Просторот кај што е поставен не е зелена површина, не е место кое е заштитено со закон како музејска и историска вредност и ги имам сите дозволи, а исто така си ги платив уредно. Тоа можите да си го проверите и во Општина, а заедно со се елаборатот можам да ви ги испратам ако сакате на сите поединечно, заедно со сите решенија од УЈП, Централен регистар и Државен пазарен инспекторат“, напиша Петровски.
Вакви станици имал видено на неколку места, во неколку паркови во Хрватска, каде работел изминатите години.
„Јас во социјалниот живот сум никој и ништо, дете од просечна фамилија, се разбира ако бев богато лигајчарче ќе ги немав овие проблеми, сите ќе идевте да ми честитате и ќе ми се восхитувавте на идеата. Но, сите да сте здрави и живи, за неколку дена местото ќе биде разубавено и ќе му вдахниме живот. Јас не сум правник, туку само еден млад угостител кој се обидува да се бори на домашен терен, а не да оди во странство, но за легалноста на сето ова ве упатувам во Општина Битола за подетални и стручни информации. А за изгледот на местото, за жал ќе мора да почекате уште неколку дена, не не послужи и времето. А скептиците, повторно ќе бидат разочарани, бидејќи местото ќе биде разубавено, а не нагрдено“, напиша сопственикот, посочувајќи дека одвај чека цело лето да се дружи со битолчани со музика, кафе, цеден портокал, протеин, сенка и чист воздух.
За идејата и инвестицијата на младиот битолчанец под неговиот ФБ статус му лајкнуваат и лица кои партиципираат во локалната власт.