АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Ученици од Битола имаа несекојдневна можност да присуствуваат на литературно читање со една од најпознатите австриски писателки за деца, Ренате Велш, што се одржа во Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ во Битола, но и да ѝ покажат колку добро научиле да го зборуваат германскиот јазик во своите училишта.
Писателката Велш на своите седумдесет години допатува во Битола и на учениците лично им прочита извадоци од своите раскази наменети за деца, а потоа им раскажуваше за својот живот, мотовацијата за творење, па дури и за тешките периоди што ги поминала за време на Втората светска војна.
„Таа е уникатна авторка на над 80 дела читани и преведувани на многу јазици. Нејзините дела се многу наградувани. Таа е повеќекратен добитник на Австриската државна награда, Наградата на градот Виена, за романот „Јохана“ беше одликувана со Германската награда за литература за деца и млади. Нејзиниот целокупен творечки опус беше одликуван со награда за животно дело во 1995 година“, рече наставничката по германски јазик Симона Монавчева.
Учениците од битолските основни училишта „Елпида Карамнади“ предводени од наставничката Билјана Митковска, „Гоце Делчев“ од Елена Поповска и Афродита Бахан и „Тодор Ангелевски“ од Симона Монавчева пред австриската писателка се претставија со драматизации на нејзини дела. Тие неа ѝ подарија свои изработки поврзани со темите од делата, а таа воодушевена од топлиот прием им подари автограм.
„Ова е исклучителна можност во Битола да бидеме почестени со еден брилијантен автор, кој добил 25 награди за своето творештво. Студирала англиски, шпански и државни науки и од 1970 година пишува книги за деца, млади и возрасни. Живее во Виена. Нејзините книги, за жал, не се преведени на македонски јазик, а во Библиотеката има 6 наслови кои се дел од австриската збирка, благодарение на австрискиот конзул д-р Валентина Илиева“, рече директорката на Библиотеката, Јелена Петровска.
Националната установа Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ – Битола и почесениот конзул на Република Австрија во Битола Валентина Илиева организираат Литературно читање со познатата австриска писателка Ренате Велш. Литературната средба ќе се одржи на ден 20.03.2018 година (вторник) со почеток во 12 часот во новата сала за промоции во Библиотеката. Ренате Велш е родена 1937 година во Виена, студираше англиски јазик, шпански јазик и државни науки и од 1970 година пишува книги за деца, млади и возрасни. Нејзините дела имаат добиено многу награди. Таа живее во Виена. Има добиено повеќе од 25 награди.