АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На првиот училишен ден од новата учебна година, градоначалникот Љубе Кузманоски го посети централното основно училиште Славко Лумбарковски во Новаци каде заедно со директорот и наставниот кадар им посакаа топло добредојде на првачињата.
ООУ Славко Лумбарковски во Новаци е едно од 15 централни општински основни училишта кое доби зелено светло за одржување настава со физичко присуство на ученици од прво до петто одделение. Исто така, дозвола за ваква настава добија и седум подрачни училишта во склоп на централното училиште „Славко Лумбарковски“ во општина Новаци. Тоа се ПУ во село Бач за учениците од шесто до деветто одделение, ПУ с.Живојно, ПУ с.Далбеговци, ПУ с.Агларци, ПУ с.Добромири, ПУ с.Рибарци и ПУ во с.Гермијан на учениците од четврто и петто одделение.
Бидејќи оваа учебна година е поразлична од било која друга поради пандемијата со коронавирусот, Општината преку јавна набавка обезбеди средства за заштита на учениците и вработените како и средства за дезинфекција на објектите за ООУ „Славко Лумбарковски“ и подрачните училишта се со цел непречен почеток на учебната година. Обезбедени се и бесконтактни топломери за мерење на телесна температура и заштитни маски.
Со одлука на Советот на општина Новаци, на сите 22 првачиња во општината им се доделија по 5.000 денари за набавка на прибор и потребни материјали пред самиот почеток на учебната година а со цел непречено одвивање на наставата со далечниско учење локалната самоуправа по пат на јавна набавка ќе обезбеди и компјутери соред потребите.
„Како локална самоуправа се грижиме за нашите ученици и наставен кадар се со цел обезбедување на квалитетен и непречен образовен процес. И покрај чувствителноста на ситуацијата со Ковид-19 ги направивме сите напори за безбеден почеток на учебната 2020/2021 година. Сепак предизвикот е пред нас, за првпат во државата се воспоставува сложен онлајн систем. Евентуалните проблеми ќе ги решаваме заеднички и меѓу институциално. Очекуваме поддршка, разбирање и соработка од родителите, учениците и наставниот кадар. На сите ученици, пред се на првачињата им посакувам топло добредојде во новата учебна година, успешно влегување во образовниот процес и стекнување со желба за учење на нови работи и многу знаења“, истакна градоначалникот Љубе Кузманоски при посетата на централното основно училиште Славко Лумбарковски.
Оваа година од Синдикалната организација на ЕСМ, им доделија пакетчиња со училишен прибор на сите првачиња.