АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битола е горда на своите хумани граѓани, особено на крводарителите кои безброј пати спасиле животи. Еден од нив е Кире Доневски кој годинава слави јубилеј достигнувајќи ја значајната бројка од 100 пати дарител на крв. Доневски има 56 години, тој е вработен во РЕК Битола и со исклучителна дарба за хумор ја раскажува својата хумана мисија.
-Стопати досега дарував крв, тоа е за мене јубилеј, сакам да дарувам уште сто пати па после нека се умира. Тоа значи дека во наредните 40 години имам задача да ја остварам оваа моја мисија, вели Кире во разговор за Апла.мк.
Разговорот со Доневски е во пресрет на 17-март –Ден на формирањето на Црвениот крст на Република Македонија и Ден на крводарителството во Република Македонија.
За прв пат дарител на крв станал на свои 19 години, кога како вработен во тогашната фабрика „Фржидери“, имало организирано крводарителска акција во болницата.
-Дури сум здрав ќе давам крв, како млад во просек секоја година дарував по 4 пати, па намалив на три пати оти ги слушам лекарите на Трансфузиологија како што ќе кажат така. Убаво се чувствувам после земањето на крв, никогаш не сум имал проблеми, ниту пак некогаш ми се слошило. Се течело во најдобар ред. Верувајте кога ќе поминат три до четири месеци од дарувањето на крв, почнува таму да ми работи паметот, да одам пак, раскажува Доневски.
По стапките на Кире тргнуваат и неговите синови, кои веќе полека се воведуваат во хуманата мисија на крводарителството.
-Порака до младите да даруваат крв. Од срце ова им го порачувам. Не е ништо опасно. Никогаш не сум се разболел. Верувјте ми, кога дарувам крв се чувствувам како прероден, порачува Доневски.
Нашиот крводарител Доневски е особено благодарен на лекарите трансфузиолози и на медицинскиот персонал во Одделението за трансфузиологија во Битола за кои како што вели покажуваат исклучителна грижа и посветеност кон битолските крводарители..