АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Бел леб, сончогледово масло за јадење, шеќер ќе имаат ограничена трговска маржа од пет проценти во трговија на големо и 5 проценти во трговија на мало. Ова е нова одлука на Владата која ќе стартува од утре заклучно со 30 септември годинава.
Според новата одлука на Владата, за белото брашно од пченица, тестенини, бел ориз и млеко е утврдена маржа од 10 проценти во трговијата на големо и мало.
Министерот за економија Крешник Бектеши при презентација на новите мерки изјави дека е одлучено при формирање на цените до крајот на годинава да не се дозволи пресметување на дополнителни оперативни трошоци и да не се одобрува ни рабат ни надоместоци на секој трговец на мало кој ги плаќа трговецот на големо или производителот.
Тој додаде дека нема да има дополнителни трошоци за производителите и увозниците на основните прехранбени производи.
Тој додава дека цените на струјата за фирмите се исти од почетокот на годинава.
Претходно, групацијата на месопреработувачи и месни индустрии преку Стопанската комора побара од Владата продолжување на мерката за ослободување од царина за замрзнато свинско месо наменето за преработка. Во спротивно, ќе следи нов ценовен шок од 20 до 30 отсто зголемувања на цените на месните преработки од свинско месо и намалување на бројот на вработени за исто така 20 до 30 отсто, рекоа тие.
Од почетокот на месецов престанаа да важат антикризните мерки за ограничување на цените на основните животни производи, по што следеше поскапување на храната.
Според Државниот завод за статистика, цените на храната во мај годинава биле за 17 отсто повисоки од истиот месец лани, и тоа додека важеа мерките за ограничување.