АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
БИТОЛА – Вишиот државен инспектор за локална самоуправа, Раим Муслиу, денеска влезе во Советот на Општина Битола да ја утврди законитоста на седницата која предизвика политичка криза во функционирањето на Советот и Општина Битола. Претседателката на Советот, Габриела Илиевска, побара вонреден инспекциски надзор, откако ја прекина седницата по заминувањето на 11 советници на СДСМ. По нив, иако имаше кворум да се продолжи седницата, замина и таа со двајцата советници од независната иницијатива „Поинаку“. ВМРО-ДПМНЕ избра нов претседавач и ја истера седницата до крај.
Инспекторот Муслиу за „Независен“ изјави дека ќе ја има на увид документацијата, ЦД од снимената седница на Советот, односно, првиот дел додека претседаваше Илиевска и продолжението додека претседаваше советничката на ВМРО-ДПМНЕ Марица Тодоровска, па ќе изгради став кој бил во право и колку се валидни одлуките изгласани на двете продолженија на седницата.
„Денес сум во Битола на лице место да ја разгледам состојбата, да ја побарам документацијата и потоа ќе ја анализираме постапката и каква е состојбата. Што вели Законот за локална самоуправа, што вели Деловникот, што вели Статутот на Советот на Општина Битола и ќе го кажеме нашиот став. Според законот, најдоцна во рок од осум дена треба да се изјасниме за ситуацијата, да изградиме став и да ги известиме подносителот на барањето за вонреден инспекциски надзор, тоа е претседателката на Советот и Општината со градоначалникот“, ни изјави Муслиу.
Состојбата во која западна Советот на Општина Битола е своевиден исклучок од досегашното работење на локалните самоуправи во Македонија.
„Ваков случај како во Битола не сме имале, но сличен да, сме имале, околу недоразбирањето, таа несоработка. Всушност кој како го чита Деловникот, едната страна го чита како што ѝ одговара, исто и другата. Но, ние имаме задача да кажеме што вели Законот, да не ја прејудицираме работата“, вели вишиот инспектор Муслиу.
Иако ситуацијата во Битола не може да се спореди со ни една претходна, сепак инспекторот Муслиу вели дека по некои состојби може да се направи компарација со случајот во Општина Центар и бившиот претседавачот Јана Белчева. Таа претседаваше со Советот на Општина Центар од 2017 до 2020 година, кога поради продлабочените разлики меѓу неа, градоначалникот и советничкото мнозинство си замина од позицијата.
„Актите кои Белчева ги водела на седницата ги потпиша таа, а другите претседавачот кој ја продолжи седницата“, вели вишиот инспектор Муслиу за случајот во Општина Центар.
За да ја прекине седницата Илиевска се повика на член 65 од Деловникот за работа на Советот, а за да ја продолжи ВМРО-ДПМНЕ се потпре на толкувањето на членот 56 од Деловникот.
Како ќе заврши оваа ситуација во Советот на општина Битола ќе се знае следната недела. По одлуката на инспекторот се очекува да се расчисти и политичката криза, дали претседателката на Совет ќе си даде оставка или ќе продолжи да претседава со Советот, дали ВМРО-ДПМНЕ ќе го прифати нејзиното евентуално враќање или ќе обезбеди мнозинство од 16 советници да ја смени Илиевска и да го земе кормилото во свои раце.