АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Долги години маргинализираната Битола, во последно време стана центар во агендите на политичарите. За два месеца во градот двапати дојдоа премиерот Зоран Заев и лидерот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Од сите 15 градови каде власта организираше прослави за поканата од НАТО и датумот за преговори со ЕУ, Заев одлучи да се појави само во Битола и од Широк Сокак да ја упати пораката за единство на граѓаните. Тој пред два месеца и официјално ја посети Општина Битола, каде одамна премиер немаше стапнато во општинската зграда, уште од времето на Владо Бучковски во 2006 година кога го најави процесот на децентрализација. Груевски го имаше посетено Владимир Талески во Општината во 2005 година кога сѐ уште не беше премиер.
Битола стана важна и за опозицијата. Пред месец и половина лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, при посета на градот изјави дека Битола ќе биде врвен приоритет за патијата во нивната програма „Нов завет“. Запрашан зошто ја загубиле Битола, рече дека извлекле поуки од грешките и носат заклучоци како да продолжат во иднина. Тој и протестите против промената на името во градовите од внатрешноста ги стартуваше од Битола.
Ваквото однесување на политичарите е различно од она на претходните лидери. Екс премиерот и поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, при секое доаѓање во Битола, попатна станица му беше Прилеп. Таму ги даваше изјавите за медиумите, па час и половина подоцна што и да кажеше во Битола беше депласирано. И кога не застануваше во Прилеп, туку директно доаѓаше во Битола, изјавите беша во Новаци, Могила, Ресен. За време на поплавите во Пелагонија, новинарите да го следат три часа низ селата, за на крај да им се каже дека изјава нема да има, а на пат кон дома да разберат дека во Пелагонија дал ексклузивна изјава само за ТВ Канал 5.
И Бранко Црвенковски, поранешниот лидер на СДСМ, како претседател на Македонија почесто изјави даваше во Ресен, Демир Хисар , па и во Маловиште, отколку во Битола.
Политичар не стапна во Битола ни за време на Шарената револуција. Откако „шарените“ ги посипаа со пари „владимирки“ екс градоначалникот на Битола, Владимир Талески и поранешниот министер за транспорт и врски Владо Мислајловски, страв и трепет за политичарите на власт беше да дојдат во Битола, освен на митинзи.
Момент на отрезнување се случи на последните локални избори кога градоначалничката Наташа Петровска од СДСМ во прв круг освои 31337 гласови или за 13 662 повеќе од против кандидатот Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ. И скоро 4000 гласови повеќе од оние што пред пет години го имаше постигнато тогашниот победник Владимир Талески.
Последниве месеци Битола како да е во изборна кампања, постојано ја облетуваат политичари. Повозрасните битолчани велат дека Битола секогаш ги решавала изборите. Така беше кога СДСМ ја изгуби власта по аферата ТАТ, а ВМРО-ДПМНЕ по случајот „Лозар“, на локалнон ниво овој пат по „Транспортер’’.
Битола ќе има важна услога и понатаму. За битолчани важни се неколку работи. Прво, економскиот развој на градот, вработувања, причината поради која една третина од Битола се исели во странство во потрага по подобар живот. Второ, да се реши загадувањето кое носи сериозни заболувања во Битола. Трето, да се обноват култните места во градот и околината, Офицерскиот дом и планинарскиот дом Копанки. И не помалку важно, расчистување со криминалот. Ова треба да биде завет за сите политичари кои се крстат во Битола..