АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер помина низ туристичката тура во битолската стара чаршија која во соработка со француски експертски организации е исцртана преку десет туристички паноа поставени пред значајни белези на урбаното градско јадро. Ова е продолжување на претходен сигналитички проект кога беа ставени информативни табли и за други значајни објекти и места низ Битола.
„Во Битола целата е постигната бидејќи се поставени голем број на паноа на три јазици македонски, англиски и француски. Забележувам дека ги дава потребните резултати и сите работиме на една тема која ни е при срце, а тоа е зачувувањето на културното наследство“, рече амбасадорот Бомгартнер.
Информативните табли се поставени пред Безистенот, реката Драгор, старата чаршија, ликовната колонија „Монмартр“, занаетчиски дуќани, чешми, гостилници, џамијата Хаџи-Махмуд беј, зелениот пазар и амамот Дебој.
„За нас како општина е особено значајно стакнатото искуство преку вмрежување на експерти и примери од француските градови за начинот на кој таму е третирано и се обележува култуното наследство, со нивна поддршка сега истото се применува и кај нас“, рече градоначалникот Тони Коњановски.
Олгица Груевска од Општина Битола соопшти дека таблите се изработени со графика и имаат QR код кој туристите ги поврзува со станица каде можат да се најдат повеќе податоци за објектите и локациите.
Во рамките на проектот „Знаење, заштита и вреднување на старите урбани јадра во Македонија и Албанија“ партнер е и Асоцијацијата места и градови со исклучителни вредности од Бордо, Франција.
Ж.Здравковска