АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Македонската радио-телевизија по одржаната аудиција ги избра Ана Ванчевска и Алексеј Ивановски за претставници на Република Северна Македонија на годинашниот Јуниорски Евросонг, кој ќе се одржи на 16 ноември 2024 година во Мадрид, Шпанија, објави mrt.com.mk
Ана Ванчевска, родена на 03.05.2010 година во Битола, е извонредно талентирана млада пејачка која веќе се прослави со учество и освоени први места на голем број музички фестивали. Нејзиниот моќен глас и неверојатни изведби ја воодушевуваат публиката и судиите, прикажувајќи ветувачка иднина во музичката индустрија. Посветеноста и природниот талент на Ана ја прават извонреден изведувач и инспиративен млад уметник.
Таа годинава беше избрана за единствена претставничка на Македонија на престижниот меѓународен фестивал Сан Ремо Јуниор Италија. Покрај музичкиот успех, Ана е посветен ученик и добитник на бројни државни награди по математика, физика и француски јазик и е вклучена во реализација на многу проекти.
Алексеј Ивановски, роден на 07.12.2011 година, во Битола, е исклучително талентиран млад пејач кој учествувал и победил на бројни музички фестивали. Неговиот волшебен глас и импресивно сценско присуство го издвојуваат, правејќи го истакнат изведувач со светла иднина во музичката индустрија. Алексеј е активен на бројни општински, регионални и државни натпревари по предметите математика, англиски и француски јазик, од каде има освоено голем број први места. Сака да плива, да шета во природа и да се дружи. Тој многу ги сака животните и дел од своето време посветува на грижата за нив.
Ана и Алексеј со својот извонреден талент и хармонични гласови го привлекуваат вниманието на љубителите на музиката насекаде. И покрај нивната возраст, имаат неверојатни гласовни способности кои никого не оставаат рамнодушен.