АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Автор на текстот е Благоја Куновски Доре
Добитник на „Златна камера 300 за животен опус“ на јубилејното 45-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“ е истакнатиот француски и светски кинематографер Бруно Делбонел. Фестивалот годинава ќе се одржи од 21 до 27 септември во Битола.
Бруно Делбонел е најновиот член во Клубот на великаните на „Браќа Манаки“. Изодувајќи го патот од лауреат на „Специјалната Златна Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност“ што фестивалот „Браќа Манаки“ му ја додели во 2011 година, по 13 години Делбонел им се придружува на светските кинематограферски великани, сега закитен со „Златна камера 300 за животен опус“.
Роден е во 1957 година во Нанси, Франција. Студирал филозофија на Сорбона, а дипломирал во 1978 година на Виша школа за кинематографски студии, популарна и ценета школа за кинематограферски студии во Париз.
По дипломирањето, Делбонел пројавил афинитет и кон режија, па во 1989 година го режира долгометражниот документарен филм инспириран од светот на циркусот – „Големиот циркус“, но потоа ja продолжува својата кариера како кинематографер, создавајќи завиден опус во соработка со многумина значајни француски и светски режисери.
На почетокот на кариерата, како самостоен кинематографер ќе сними два кратки филма за сценаристичко – режисерскиот тандем Марк Каро – Жан Пјер Жене, и ова искуство ќе се покаже како решавачко, особено во подоцнежната соработка со Жене, кому во 1984 година му го снима краткиот игран филм „Нема одмор за Били Брако”. Во 1993 ќе дебитира со целовечерен игран филм, а со Жене станува повторно партнер во нивните две антологиски дела, за кои Делбонел ги доби првите две од вкупно шест номинации за Оскар: „Амели“ и „Многу долга венчавка“.
Во 2001 година, пред да дојде до номинацијата за Оскар, на фестивалот во Карлови Вари филмот „Необичната судбина на Амели Пулен, го освои Кристалниот Глобус. Тоа во аналите на овој фестивал останува како најголемо откритие на дело од француската кинематографија, а организторите на Кан ги остава разочарани поради сторениот превид, бидејќи пропуштиле тие да го лансираат овој антологиски авторски филм кој важи и за еден од најкомерцијалните.
Делбонел со „Амели“ на 44 години достигнува светска слава и во овој филм креира визуелно маестрално ремек-дело, рефлектирајќи го бајковитиот, обично – необичен свет на Амели.
Покрај номинацијата за Оскар во 2002 година за филмот „Амели“, Делбонел ги доби и номинациите за БАФТА, ASC (Американското друштво на кинематографери), како и за наградата Цезар, а ја освои наградата на ЕФА / Европската филмска академија за најдобар европски кинематографер.
По овој голем успех, тандемот Делбонел – Жене ја повтори плодната соработка и во следниот извонреден филм. Станува збор за историската љубовна драма од Првата светска војна – „Многу долга свршувачка“, за која во 2005 година Делбонел ја освои втората номинација за Оскар. Делбонел и во овој филм е во својот врвен креативен елемент. Покрај номинацијата за Оскар и за наградата на ЕФА, со него тој ги освои наградите на ASC и францускиот Цезар.
Третата номинација за Оскар за Делбонел дојде во 2010 година за еден од визуелно најефектните филмови од серијалот за Хари Потер, неговото шесто продолжение, „Хари Потер и полукрвниот принц“ во режија на Дејвид Јеијтс.
Петтата номинација за Оскар Делбонел ја доби во 2018 година за креацијата во историската драма „Најмрачен час“ во режија на Џое Рајт. Актерот Гери Олдмен за улогата на Винстон Черчил во овој филм беше награден со Оскар.
Потоа, во 2021 година Делбонел повторно соработува само со едниот од браќата Коен, на филмот „Трагедијата на Магбет“ за кој следната година ќе ја освои последната од шесте номинации за Оскар. Во насловната улога на оваа најнова екранизација на антологиската трагедија на Шекспир настапува актерот Дензел Вашингтон, а како леди Магбет актерката Френсис МекДорманд.
Во сите три понови филмови номинирани за Оскар, Делбонел ја применува доку – играната визуелна структура својствена за неговите претходни дела, но со историски карактеристики на различни поднебја и периоди.
Делбонел ќе го збогати својот опус и низ соработката со плејада други истакнати светски режисери, како Питер Богданович во „Мјаукот на мачката“, полуавтентична крими драма за убиството на една актерка во Холивуд во 1924 година, што се случило на јахтата на милионерот Харст. Со рускиот режисер Сокуров ќе го сними „Фауст“ (2011), базиран на Гетеовиот мит за Фауст, кој освојува „Златен лав“ во Венеција, и „Франкофонија“, посветен на Парискиот храм на сликарската уметност – музејот Лувр, кој со својата трајна вредност и пркосел на фашистичката окупација. Со Тим Бартон ќе соработува во три наврати, речиси едно по друго. Во 2012 година тој го снима неговиот готски хорор „Мрачни сенки“, во 2013 година соработуваат на сродниот, „Големи очи“ и во 2016 година го реализираат „Домот на гопоѓица Перегрин за чудни деца“.
Со браќата Коен одново ќе соработува во 2018 година, во пародиската вестерн комедија во нивен дух – „Баладата за Бастер Скрагс“, а најновата соработка од тековнава 2024 година му е со Вес Ендерсон, на неговиот најнов филм „Феникиска шема“, со кастинг од соништата: Бенедикт Камбербач, Том Хенкс, Скарлет Јохансон, Бил Мареј, Бенисио Дел Торо и Шарлот Генсбур.
Во 2019 Бруно Делбонел бил назначен за шеф на кинематограферскиот отсек на
Прочуената париска филмска школа,, за да ги пренесе своите професионални кинематограферски искуства и знаења на новите генерации студенти и идни кинематографери.
Оваа година се очекува на Фестивалот да присуствуваат досегашни добитници на наградата Златна камера 300 за животно дело во чест на јубилејното 45. Издание на ИФФК „Браќа Манаки“.
Автор на текстот е Благоја Куновски Доре
(Се извунуваме што претходно не го ставиваме името на авторот на текстот)