АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Младиот битолчанец Марјан Зисовски денеска беше првиот кандидат кој полагаше практичен дел од возачкиот испит на новиот полигон во Битола. Тој се стекна со возачка дозвола од Ц категорија.
По пауза од 6 години, денеска е отворен новиот полигон во Битола, а кандидатите за возачки испит веќе нема да патуваат во соседните општини за вежби и полагање на практичниот дел од возачкиот испит.
-Многу добро поминав на полагањето и ми е мило што во нашиот град има полигон и што токму јас бев првиот кандидат кој го положи возачкиот испит“, истакна Зисовски.
Тој доби подарок во име на Општина Битола, а му го врачи градоначалничката Наташа Петровска.
-Ветивме, исполнивме. За само една година, по спроведена процедура, после многу години, Битола конечно има полигон. Битолчани повеќе нема да имаат потреба да одат во соседните градови за да вежбаат, но и за да полагаат. Битолчани, нека ни е аирлија новиот полигон, рече градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.
Полигонот е лоциран на излезот од Битола, во населбата Горно Оризари, на земјиште во сопственост на Владата на РМ, кое и беше доделено на Општина Битола, а е изграден како донација од „Автомакедонија“.
„Пред се голема благодарност до Општина Битола, до градоначалничката, советниците и целиот тим кој што го работеше овој проект. Изведувачите со натчовечки напори се потрудија и го изведовме полигонот. Се надевам дека отсега па натаму ова ќе биде и поблагодарно за битолчани и полесно, затоа по шест години повторно имаме полигон во Битола“, посочи Зоран Кузмановски, управител на сообраќајниот испитен центар АМ ДООЕЛ Битола.
Битола остана без полигон за полагање на возачки испит откако Секторот за управно-надзорни работи при МВР во 2013 година донесе решение за забрана за користење на теренот кај спортската сала поради неисполнување на потребните стандарди. Потоа за вежби и полагањето на практичниот дел од возачкиот испит кандидатите патуваа до Ресен и Прилеп, а граѓаните бурно реагираа поради недостиг на полигон, зашто беа изложени на дополнителни трошоци.